По повод на велигденските празници Општина Крива Паланка во соработка со Клубот „Олдтајмер Витези“ од Куманово, по втор пат го организира „Ретро шоуто на олдтајмери“ на Градскиот плоштад во Крива Паланка на 19 април (сабота) од 11.00 до 15.00 часот.
Градскиот плоштад во Крива Паланка ќе биде епицентарот на стил, класа и автомобилска историја и се очекува дека ќе предизвика голем интерес кај граѓаните и љубителите на класични автомобили од регионот и пошироко.
Возилата ќе пристигнат во 10:30 часот на паркингот кај ресторанот „Облаче“, каде ќе бидат нумерирани и обележани, а потоа, во дефиле низ центаралната градска улица, ќе пристигнат до Градскиот плоштад за да блеснат во целосен сјај.
Присутните ќе можат да ја проследат презентацијата на олдтајмерите, да слушнат интересни приказни за секое возило и да се фотографират со ретките возила, па дури да доживеат и едно незаборавно ретро возење.
По изложувањето на Градскиот плоштад, олдтајмерите ќе се упатат кон манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ каде ќе бидат изложени на манастирскиот паркинг.
„Ретро шоуто на олдтајмери“ претставува уникатна можност за граѓаните, посетителите и љубителите на автомобилската историја да уживаат во ретки и вредни примероци од автомобилската индустрија на 20 век, и истовремено да се запознаат со културното и туристичко богатство на општината.
Не ја пропуштајте оваа единствена можност – ретро времепловот пристигнува во Крива Паланка!