Додека Шпанија одбележува тридневна жалост за 95-те загинати во поплавите, а спасувачите пребаруваат низ урнатините обидувајќи се да ги пронајдат исчезнатите, се зголемуваат прашањата зошто предупредувањето до луѓето да не ги напуштаат своите домови дојде предоцна. Како што сведочат многумина, дури откако поплавата ги зафати улиците.
Шпанската државна метеоролошка агенција АЕМЕТ во вторникот наутро издаде црвено предупредување за регионот на Валенсија и го држеше на сила бидејќи временските услови се влошија. Сепак, цивилната заштита упати предупредување до населението да не излегува од домовите дури после осум часот навечер, 12 часа откако метеоролошката служба го издаде алармот.
Во тоа време, многумина веќе беа на улица.
Еден човек изјави за локалниот веб-сајт Eldiario.es дека предупредувањето дошло кога тој веќе бил заглавен во својот автомобил со вода до вратот.
Дури после осум часот навечер, кога водата ми беше до врат, а јас голтав кал, беше издадено предупредувањето“, рече тој.
Најмалку 95 луѓе загинаа во Шпанија кога обилните врнежи предизвикаа поројни поплави што го погодија регионот на Валенсија.
На југоистокот на Шпанија за осум часа падна дожд во количина што е еднаква на едногодишни врнежи, за што виновен временскиот феномен Дана.
Метеоролозите објаснуваат дека оваа појава е честа појава во текот на есента.
Една студија покажа дека тие се случуваат секоја година на западниот Медитеран и на Пиринејскиот Полуостров, но не сите се толку сериозни како последната што ја погоди Шпанија.
Феноменот се јавува кога студениот воздух се движи над топлите води на Средоземното Море, создавајќи атмосферска нестабилност бидејќи топол, влажен воздух брзо се крева за да формира високи, густи облаци кои можат да испуштат силен дожд.
Облаците можат да останат на една област со часови, што го зголемува нивниот деструктивен потенцијал бидејќи може да бидат придружени со силни бури и торнада, што беше случај во Шпанија.
Во последните години, научниците предупредуваат дека Средоземното Море забрзано се загрева и дека температурата на водата е пет степени повисока од нормалната. Бидејќи топлиот воздух може да задржи повеќе влага, тој создава потенцијал за потенцијално катастрофален дожд.