Неколку денови пред рокот за пријавување на кандидатските листи до ДИК, кој истекува в среда, на 3 април, сликата за тоа кој со кого ќе биде во коалиција и кои имиња ќе се најдат на листите на пратеници на престојните избори во Македонија, веќе е исцртана. Најголемите партии, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ, ги објавија коалициите и листите на кандидати за пратеници и останува уште албанските партии официјално да соопштат кој ќе се најде на листитите за пратеници кои ќе се тркаат на изборите.
Како најширока коалиција во трката за гласови на двојните изборите напролет влегува ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски, денеска, и официјално објави дека е потпишана Повелба за стратешко коалицирање на коалицијата која е наречена „Твоја Македонија“ и дека во неа ќе учествуваат 24 политички субјекти и организации. Коалицијата ќе биде промовирана в сабота, и нагласи дека ќе се залагаат за цврста борба против корупцијата и намалување на бирократијата, дека ќе инцираат реформи за економски раст и дека ќе поддржуваат акции на правната држава за враќање на довербата на граѓаните во институциите. Од граѓаните Мицкоски побара масовно да излезат на изборите, на 8 мај, и рече дека седењето дома е глас за оние што седум години ништо не направиле и ја однеле Македонија назад.
-Апелираме да има масовна излезеност на овие избори, бидејќи неизлегувањето на овие избори подразбира поддршка на неодговорната и криминална власт. Затоа излезноста е клучот. Промените се во ваши раце, изјави Мицкоски. Прашан како ја оценува работата на сѐ уште актуелните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски одговори дека секогаш може подобро, но дека овој состав покажал вонсериска и вонредна цврстина.
Инаку, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја сочинуваат партии со кои подолго време настапуваат на политичката сцена, но новина е дека кон партијата на Мицкоски се приклучија осум партии, а пет од нив до пред неколку дена беа заедно со СДСМ.
Вчера, на седница на Извршниот и Централниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ официјално го утврди и целосниот состав на пратеничките листи на Коалицијата. На листите се најдоа дури 36 пратеници од актулениот парламентарен состав, од коалициските партнери места добија само Социјалистичка партија на Македонија и Демократската партија на Србите.
За разлика од нив, коалицијата За европска иднина на владејачката СДСМ отстапи високи позиции на листите за традиционалните колициски партнери. Оттаму велат дека ќе настапуваат по испробан рецепт, но и дека успеаја да придобијат и неколку нови коалициски партнери за настап на претседателските и парламентарните избори.
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, деновиве и ги потпиша коалициските договори со традиционалните партии НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО-НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партија за демократски просперитет на Ромите, СДА, а како нов партнер на партијата на Ковачевски се приклучи и Движењето Нова Република на Ивон Величковски. Интересно за оваа коалиција е тоа дека претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, отстапи високи позиции на листите за традиционалните колициски партнери.
Во албанскиот блок, пак, сè уште не се комплетирани листите. Во меѓувреме, крилото на Зијадин Села од поделената Алијанса за Албанците во четвртокот донесе одлука да се приклучи на коалицијата што ја предводи ДУИ откако деновиве имаше проблеми да се усогласи за бројот на места што би ги добиле на изборната пратеничка листа. Одлуката да се приклучат на Европскиот фронт на ДУИ, завчера, како што изјави Села, сепак била донесена на партиската седница со еден глас против. Тој најави дека очекува да добие најмалку пет пратенички мандати.
С‘è уште е енигма колку места ќе добијат помалите колаициски партнери на ДУИ како Народното движење на Скендер Реџепи, Европската Демократска партија на Аријанит Хоџа, како и Унија на Ромите на Курто Дудуш и Демократската партија на Турците на Бејџан Илјаз. Место на листите би требало да добие и некогаш најостриот политички ривал на Ахмети – Мендух Тачи со неговата ДПА.
И во коалицијата Вреди, во која се Демократското движење на Изет Меџити, Беса на Биљал Касами, Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, Алтернатива на Африм Гаши и Беким Ќоку, како претставник на косовското Самопределување на премиерот Албин Курти, сè уште се кројат имињата на оние кои ќе застанат на листите.
Како и да е парламентарните избори на 8 мај, повеќе ќе бидат трка на големи коалиции отколку на партии, и на изборната листа засега е извесно дека во македонскиот блок ќе има само неколку самостојни партии, меѓу кои се ЗНАМ на Максим Димитриевски, Левица на Димитар Апасиев и Нова алтернатива на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Во меѓувреме, предизборната делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа ја заврши неколкудневната посета на земјава, во пресрет на претседателските и парламентарните избори, и оцени дека периодот пред изборите е стабилен и се очекува изборите да бидат мирни и да ги исполнат демократските стандарди. (М.С.)