Неколку десетици млади активисти на Демократската партија на Албанија, заедно со раководството на главната опозициска сила во земјата, денеска протестираа пред канцеларијата на албанскиот премиер Еди Рама поради исклучувањето на „ТикТок“, пишува Албанијан пост.
Кандидатката за пратеник во Тирана, Лоранца Хоџа изјави дека иако е родена и израсната надвор од Албанија, никогаш не помислила дека ќе се врати на протести за слобода на изразување.
Таа додаде дека мислела дека нејзините родители победиле во оваа војна кога ја урнале диктатурата, но дека по 12 години Албанија се уште е соочена со влада која ја задушува слободата на говорот и ја одзема секоја можност од младите.
Од друга страна, таа изрази загриженост за лошата положба на албанската младина, која страда од невработеност и немање можности за иднината.
Таа ја критикуваше владата за заминувањето на Албанците, посочувајќи дека земјава е меѓу првите во Европа по барања за азил.
„ТикТок“ не ја предизвикува трагедијата, туку неуспесите на економскиот и образовниот систем во Албанија“, рече таа.
Корисниците на „ТикТок“ во Албанија имаат потешкотии да пристапат до апликацијата откако во четвртокот стапи на сила едногодишната владина забрана, поттикната од загриженоста дека социјалните медиуми поттикнуваат насилство меѓу младите луѓе во и надвор од училиштето.