Пред затворање 250.000 компании во Германија, газдите одат во пензија, а не можат да најдат наследници

51

Бројот на претприемачи кои бараат наследник е трипати поголем од бројот на заинтересирани. Сè помалку се луѓето меѓу 18 и 40 години возраст кога се носат одлуки за почнување бизнис во време кога сè повеќе претприемачи се приближуваат до возраста за пензионирање. Германските компании пропаѓаат и поради банкрот, сугерираат податоците од германскиот завод за статистика „Дестатис“. Лани стечајна процедура почнале 16,8 отсто фирми повеќе отколку во 2023 година, а само во декември банкрот пријавиле за 13,8 отсто повеќе претпријатија отколку во претходните 12 месеци

 

На десетици илјади компании во Германија им се заканува затворање во наредните години бидејќи нивните сопственици не можат да најдат некој кој ќе го преземе нивниот бизнис. Ова е голем проблем за целата германска економија.

Предавањето на бизнисот е голем предизвик за германските средни претприемачи, вели за „Дојче веле“, Марк Еверс, експерт од Германската комора за индустрија и трговија (ДИХК).

– Бројот на претприемачи кои бараат наследник е трипати поголем од бројот на заинтересирани, изјавува тој.

Според проценките на ДИХК, во текот на следните пет години, повеќе од 250.000 компании ќе се затворат доколку не биде можно да се најде наследник, во семејството или некој друг.

Неповолните демографски движења во Германија имаат свои последици. Еверс појаснува дека сè помалку се луѓето меѓу 18 и 40 години, возраст кога се носат одлуки за почнување бизнис. Истовремено, сè повеќе претприемачи се приближуваат до возраста за пензионирање, па тешко е да се најде вистинската личност која ќе ја преземе компанијата.

Еден од проблемите се самите претприемачи. На дури 29 отсто од нив им е тешко емоционално да се одвојат од компанијата, па секој петти чека предолго за да го пренесе својот бизнис, надевајќи се дека подоцна ќе добие повеќе.

-Знаењето и вредностите исчезнуваат. Ако има помалку компании, ќе имаме помала конкуренција, а помалку иновации, велат од Германската индустриска и трговска комора и додаваат дека на крајот цените ќе пораснат и ќе има проблем со меѓународната конкуренција.

Се смета дека е важно компаниите да бидат подготвени за иднината. Три до десет години пред планираниот трансфер, сопствениците треба да ги почнат  подготовките за следната генерација.

Но, германските компании пропаѓаат и поради банкрот, сугерираат податоците од германскиот завод за статистика „Дестатис“. Лани  стечајна процедура почнале 16,8 отсто фирми повеќе отколку во 2023 година, а само во декември банкрот пријавиле за 13,8 отсто повеќе претпријатија отколку во претходните 12 месеци. Сликата за германската економија станува полоша ако се има предвид дека за да почне процедурата за банкрот се потребни три месеца, што значи најрелевантни се податоците за октомври. А тогаш се регистрирани за 35,9 отсто повеќе пријавени банкроти отколку во истиот месец во 2023 година. Побарувањата на доверителите изнесувале 3,8 милијарди евра, и биле за 1,6 милијарди евра поголеми од претходната година.

Статистичарите пресметале дека во октомври банкротирале без малку шест на секои 10.000 домашни фирми, а најмногу банкроти се регистрирани во секторите транспорт, складирање, градежништво и угостителство.

Според главниот аналитичар на ДИХК, Фолкер Траер, епидемијата на банкроти е јасен предупредувачки сигнал за состојбата на германската економија.

ИЗДВОЕНИ