Мегаѕвездата одлично наплатил за настап на гламурозна свадба!
Пееше само 45 минути на гламурозна свадба во Белград, на која беа поканети над 200 гости. Станува збор за свадбата на Костадин Терзиќ, син на богатиот белградски бизнисмен Звездан Терзиќ. Здравко имаше неколку специфични барања, меѓу кои да нема нарачки на песни!
Мегапопуларната балканска музичка ѕвезда, Здравко Чолиќ, никогаш не пее на свадби, сметајќи ги тие настапи како несоодветни. Сè што има да ѝ порача на публиката, преку песните, е на тричасовните концерти, кои секогаш се посетени до последното место. Меѓутоа, за сè постои исклучок, па и за настапите на Чолиќ на свадбите. Токму таков исклучок направи тој неодамна. Пееше на една гламурозна свадба во Србија, на која беа поканети над 200 гости. Станува збор за свадбата на Костадин Терзиќ, син на богатиот белградски бизнисмен Звездан Терзиќ, чија ќерка на времето беше во неславна љубовна врска со Вељко, синот на Цеца Ражнатовиќ.
Здравко имаше неколку специфични барања, кои домаќинот на свадбата мораше да ги исполни. Побара да се подигне бината од подот за да не може да му се приближуваат гостите додека пее. Исто така, да нема нарачки на песни и, секако, фотографирање со гостите. Затоа што сите тие работи го преморуваат.
Овие услови брзо беа договорени и прифатени, а многубројното обезбедување беше на штрек да види дали навистина ќе се почитува сето тоа додека пее Чолиќ. Така и беше. Настапот на Здравко траеше 45 минути. За овој настап, пејачот се „омрси“ со 45 илјади евра, пишуваат српските медиуми. Доколку се пресмета заработувачката, а лесно е, излегува дека за секоја минута успеал да заработи по илјада евра. Така што и понатаму важи за најбогат пејач на овие наши простори.
Иако е толку богат, велат дека „тежи“ над 25 милиони евра, со оглед на тоа што ја продаде куќата на Кошутњак за повеќе од милион евра, на раката носи релативно евтин рачен часовник – „Tag Heuer Carrera“ од само две илјади евра. Живее скромно, семејно, со сопругата Сандра и има две возрасни ќерки, кои се често присутни со провокативни фотографии на „Инстаграм“. За свадбениот танц на младенците, Здравко Чолиќ ја изведе песната „Тебе чувам за крај“ и во текот на пеењето, сите ги пееја со него во еден глас и песните: „Ти си ми у крви“, „Април у Београду“, „Главо луда“, „Живиш у облацима, мала“, „Продужи даље“, „Шљиве су родиле“, „Пјесмо моја“, „Звао сам је Емили, „Гори ватра“…..
Инаку, Здравко наредниот месец, март, ќе одржи три големи солистички концерти во македонската метропола, кои се одамна распродадени и покрај прескапите влезници. Тоа е голем успех, бидејќи низ Скопје нема ниту еден плакат на Здравко со најава за концертите. Здравко ќе има поинаков репертоар, во придружба на филхармонискиот оркестар. Сите песни ќе ги испее во ново руво, речиси до нивна непрепознатливост, а сепак доволни познати и често изведувани сите овие години. За многубројните обожаватели на Здравко и убавата вест дека на 1-ви март тој ќе објави и најнова песна насловена како „Зошто таа“. Видеото за песната е снимено во Њујорк, а во една од сцените се гледа и Менхетен. Бидете така стрпливи, блиску е сабота 1-ви март и 12.00 часот кога на Јутјуб каналот ќе се вртат и песната и спотот. Д.М.