Да беше жив, Јосип Броз Тито денеска ќе го почнеше својот 73. претседателски мандат. Но тоа не е можно зашто почина во длабока старост во далечната 1980 година, а денеска е жив само во историјата и во сеќавањето на југоносталгичарите, кои сè уште ги има во сите шест држави што се создадоа по растурањето на СФРЈ.
Историјата кажува, а голем број југоносталгичари не знаат дека Тито прво бил премиер на државата која тогаш се викала Федеративна Народна Република Југославија, иако позицијата во повоена Југославија му била загарантирана уште во 1945 година. Претседател станува речиси една деценија подоцна, на 14 јануари 1953 година како резултат на уставни реформи со кое се редефинирана политичката структура на земјата. Со тоа тој формално ја консолидира својата водечка позиција во југословенската политика на која остана сè до смртта.
Братството и единството кои важеа за првата комунистичка земја во светот – СССР, беа битен дел и од политиката на Тито, но тоа не беше пречка во 1948 година Југославија да ја исфрлат од комунистичкиот блок. Тогаш почнува најтемниот дел на југословенската историја од времето на Тито. По „разводот“ со Советскиот Сојуз и нејзиниот лидер Јосип Висарионович Сталин, во Југославија почнува период на политичка репресија. Оние кои се сметани за политички противници – сталинисти испраќани се на робија на Голи Оток. Тогаш Тито расчисти и со група свои блиски соработници, во тоа време истакнати југословенски политичари. Но тоа уште повеќе ја зајакна неговата моќ во Југославија.
По познатото Титово „не“ на Сталин, на почетокот на 50-тите години, Југославија го менува стариот устав кој бил направен по руски урнек. Со новиот ја промовира политиката на работничко самоуправување, но и влегува во светот на дипломатијата, преку врски со третиот свет по што е формирано Движењето на неврзаните.
Новиот Уставот исто така ја воведува функцијата претседател како еден од двата извршни органи на власт. Претседателството настанало од стариот Президиум на Народното собрание, а за претседател доживотно е именуван Јосип Броз Тито.
По неговата смрт функцијата ја презема колективно претседателство составено од претседателите на поединечните републики кои ги имаше шест и двете автономни покраини во рамките на југословенската држава. Неколку години почнува крвавото раздружување на републиките, а Југославија му се придружува на Тито – во историјата. А за тоа колкава била величината на првиот југословенски претседател, не само во државата, туку и во светот, говори податокот дека на неговиот погреб присуствувале 211 делегации од 128 земји и со тоа е официјално вториот најпосетен погреб на државник во историјата.