Салван Момика, бегалец од Ирак и контроверзен противник на исламот, беше застрелан во Шведска доцна во средата, само неколку часа пред да ја добие судската пресуда за случајот против него за палење Куран, покажа судскиот документ во четвртокот.
Момика (38) бил застрелан во куќа во градот Седертаље, во близина на Стокхолм, јави шведската државна телевизија СВТ, повикувајќи се на неименувани полициски извори.
Момика предизвика глобална контроверзија во 2023 година кога постојано јавно палеше копии од Куранот во знак на протест против исламот. Неговите постапки предизвикаа бурни реакции во исламскиот свет, додека против него во Шведска се покренати правни постапки за „поттикнување омраза против етничка или национална група“.
Судот во Стокхолм требаше да му изрече пресуда на него и на уште едно лице денеска како дел од судскиот процес поврзан со „прекршокот за агитација против етничка или национална група“, но пресудата беше одложена.
Полицијата потврди дека еден маж бил убиен во Содертаље вчера околу 22 часот по локално време, но не соопштува детали.
-Внимателно го следиме развојот на настаните за да утврдиме какво влијание тоа би можело да има врз шведската безбедност, изјавил портпаролот на службата за безбедност, додавајќи дека тоа е работа на полицијата и дека таа истражува.
Шведските медиуми објавија дека Момика бил во живо на ТикТок во моментот кога бил застрелан. Видео снимката покажува како полицаец грабнува мобилен телефон и го прекинува преносот во живо.
Во 2023 година, Шведска ја подигна тревогата за тероризам на второто највисоко ниво и ги предупреди Швеѓаните дома и во странство за можни закани по палењето на Куранот. Иако шведската влада го осуди бранот палење на Куранот во 2023 година, тој првично се сметаше за заштитен облик на слобода на говорот.