Според македонските обичаи, на 5 јануари започнува славењето на божикните празници. Вечерта спроти Бадник (кој е на 6 јануари), првите коледари го палат коледарскиот оган и притоа се пеат песни, се игра и се пие топла ракија. Наредниот ден, на големиот христијански празник Бадник, рано наутро, пред изгрејсонце, малите деца одат по домовите на соседите, чукаат на вратите и пеат коледарски песни за здравје, бериќет и за плодна година, а го симболизираат гласот на ангелите за Христовото раѓање. Притоа, домаќините ги даруваат со костени, јаболка, ореви, колачи и со ситни пари. Божик (7 јануари) се слави во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Празник на раѓањето на новиот живот, празник на децата и детството, празник на родителството, на семејните вредности… Обичаите на Бадник и на Божик во Македонија се детално опишани во истражувањата на проф. д-р Марко Китевски

Православните верници, кои го почитуваат јулијанскиот календар, го слават Божик на 7 јануари, празник на целото семејство, кое на овој ден, како и ден претходно, на Бадник, се собира за заедно да го одбележи раѓањето на Исус Христос, Синот Божји. Во денешно време, многу обичаи карактеристични за овие денови се приспособени на современиот начин на живот, но повеќето од нив се задржани и се пренесуваат со генерации.

Според македонските обичаи, на 5 јануари започнува славењето на божикните празници. Вечерта спроти Бадник (кој е на 6 јануари), првите коледари го палат коледарскиот оган и притоа се пеат песни, се игра и се пие топла ракија. На тој начин се бркаат злите духови од земјата. Коледарскиот оган е поврзан со обичајот наречен Коледица или Коледе. И денес и во минатото, во селата и во градовите во сите краишта на Македонија, поголеми и помали групи луѓе палат огнови и пеат песни, а денес се избира и кум, кој меси погача со паричка. Оној кај кого ќе се падне паричката, наредната година станува кум.

Наредниот ден, на големиот христијански празник Бадник, рано наутро, пред изгрејсонце, малите деца одат по домовите на соседите, чукаат на вратите и пеат коледарски песни за здравје, бериќет и за плодна година, а го симболизирааат гласот на ангелите за Христовото раѓање. Притоа, домаќините ги даруваат со костени, јаболка, ореви, колачи и со ситни пари. Пеењето по куќи, пак, значи дека веста за Христовото раѓање ќе се прошири насекаде.

Бадник се слави еден ден пред Божик и со коледарските огнови и со коледарчињата се најавува Рождеството Христово.

Бадник го добил името по гранка од даб – бадник, која се сече на тој ден, се внесува дома и се пали. Порано, домаќините уште во рана зора оделе да сечат бадник, кој потоа, до вечерта, го чувале покрај куќата, пред да го внесат и да го стават на огништето. Денес, обичаите се приспособени на времето во кое живееме, па бадникот најчесто се купува на пазар, навечер или на самото утро на Божик, се носи дома и се става покрај икона.

За Бадник, семејството се собира на посна и богата вечера. За ручек, често се пие и чаша црно вино со семе од дрен, за среќа и радост во текот на целата година. Средината на масата, традиционално, се украсува со плетена кошничка полна со житарки и со сушено овошје. Според верувањата и според обичајот, оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза.

Домаќините се трудат да принесат од сè по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка.

Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката, ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која се сите собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши лепчето, а некаде го дели зелникот на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Се верува дека на овој ден или оваа вечер треба да се врати сè што е позајмено и да се смириме со сите со кои сме се расправале за целата наредна година да ни помине во мир и слога. Во градовите, обичајот е изменет, па така не е необично да се видат многу луѓе собрани покрај црковните порти како заеднички палат бадник, се веселат и пеат православни песни.

Божик (7 јануари) се слави во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Празник на раѓањето на новиот живот, празник на децата и детството, празник на родителството, на семејните вредности… Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера. Македонскиот народ со многу внимание и почит го празнува Божик.

На Божик, рано утрото почнува богослужбата во црквите. Се слушаат ѕвоната од сите православни цркви и храмови, се облекува свечена облека и се оди во црква на божикна литургија. Луѓето се поздравуваат и се отпоздравуваат со зборовите „Христос се роди“ и „Навистина се роди“. Причесната следува по службата, кога искараните треба да се помират и да се поканат меѓу себе на гости. Во некои села во Македонија, по богослужбата, девојките одат по овоштарниците и ги врзуваат дрвјата за да се зачуваат од разни болести и за да бидат плодни. Овој обичај е проследен со песни. Во градовите, денес состојбата е малку поинаква и многу граѓани ја гледаат литургијата на ТВ-екраните.

Во раното божикно утро, домаќинката меси погача. Погачата претставува дел од прославата на Божик и кога е печена, се поставува на трпезата, се врти како колач, се полева со вино и на крајот се крши на толку делови колку што има членови дома. По кршењето, следуваат честитање на празникот и ручек, кој е прв мрсен оброк по долгиот пост.

Исто така, со Божик е поврзана и поговорката пред Божик, за Божик – дома да си, што има значење дека во текот на големиот празник треба да се биде дома, во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот.

Обичај е првиот човек што ќе ни влезе дома на Божик да е пријател на куќата, кој треба да им донесе на домот и на домашните здравје, среќа, благосостојба и мир.

Обичаите на Бадник и на Божик во Македонија се детално опишани во истражувањата на проф. д-р Марко Китевски, познат македонски фолклорист.

ИЗДВОЕНИ