Во општина Битола се одржа работна средба на градоначалникот Тони Коњановски, претставници на општинската администрација, ЈП за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг – Битола и претставник од Општина Могила, со тимот за подготовка и изведба на автопатот Битола – Прилеп.
Проектантите од ГИМ – Градежен институт Македонија и претставници на изведувачот на автопатот, компанијата „Бехтел и Енка“, ги информираа присутните за предвидената траса која што ќе се реализира од влезот на градот Прилеп од страна на превојот Плетвар, до северната страна на градот Битола кај постојниот патен јазол во близина на селото Крклино.
На средбата беа појаснети одделните предвидени активности за време на изградбата на автопатот, како што се патните јазли, премини преку автопатот од постоечките села, начинот на времен режим и пренасочување на патниците во тек на градба, начинот на изведба со увид на пресеци и детали на новопланираната состојба на трасата и останати активности во однос на организација на градилиштето. Според договорената динамика на изведувачот, реализацијата на автопатот треба да заврши до крајот на 2027 година.