Празник пред празникот – Бадник, предвестие за Божиќ

201

Првите весници на празникот се децата коледари. А весник или гласник значи ангел. Тие се нашите земни ангели. Тие се известувачите за Божик. Од рано утро нè будат со песна и со радост. Тие се првите гласници на празникот – весници на радоста. Нашите ангели за Бога и за Бадник. Рано в зори секоја куќа го слуша прекрасниот детски глас, како глас на ангелите за раѓањето на Христа Спасителот.

За добрата вест се наградува, а за коледарите награда се отворената врата, пречекот, радоста и обичните дарови – плодови од природата: ореви, костени, јаболка, круши, смокви, сливи и ситнурии. Се радуваат на малку и на едноставност, а тоа е добро школо за нас возрасните дека, всушност, толку и ни треба. Доволна е насмевка и радост, срдечност и љубов.

Тоа се богатствата што ги добиваме од децата и такво е бадничкото семејно празнување. Негова одлика се љубовта и едноставноста. Тоа е денот кога се чувствуваме најблизу до оние што ни се најблиски и до она што ни е најблиску: до децата и до родителите, до себеси и до своите, до семејството и до природата. Најблиску до луѓето и до Бога.

Затоа на Бадник семејството е црква. Секоја куќа е црква. Во секој дом се пали свеќа, темјан и кандило. Во сите домови се принесува молитва од домашната црква. Молитва заедно со принос – благодарност на трпезата. Како в црква евхаристија. Таква е заедницата на љубовта. Заедница на заедничарењето. Радост со најблиските, љубов крај своите.

И сето тоа со пости, за душа да се гости.

На Бадник завршуваат божикните пости. Тоа е последната посна трпеза пред Божик, а полна со разновидна храна и овошје. Дарови од Бога, Нему принесени.

Бадник значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник, што значи: бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божик. Будни заради очекувањето на денот на Христовото раѓање.

И бадничката богослужба е исполнета со библиски читања за пророштвата и записите во Библијата за доаѓање на Христа Спасителот. На овој празник, во богослужбата има најмногу читања на библиските текстови и настани поврзани со доаѓањето на Спасителот на светот. Но, Бадник не е само вечерта и само ноќта, туку и целиот ден. А дента има богослужба и добро е да се појде в црква, на молитва. Но, сепак, поим за Бадник е бадниковата вечер.

Бадник е ноќта на мирот, радоста, љубовта и сплотеноста, кога будни го дочекуваме раѓањето на Господа Исуса Христа. Таа будност не мора да значи само будно око од неспиење, туку уште повеќе значи будност духовна – да бидеме духовно будни!
Бадник е роденденската ноќ на Спасителот.

Според народните обичаи, задржани во некои краишта на Македонија и денес,

рано тоа утро, домаќинот оди да го исече бадникот, најчесто даб, да ја внесе вечерта во куќата и така да го означи почетокот на празникот Божиќ.

Бадник е именуван по исечена дабова гранка – елка, светата елка на Словените.

На Божиќ, според верувањата, ништо не треба да се вади од дома, а се јаде на слама.

Штом се раздени, се пали оган и се пече печеница, подготвена претходниот ден. На Бадник се пости, а најмногу се јадат риба, грав, зелка и сушено овошје.

Жените во куќата месат божиќни колачиња, колачи и подготвуваат соодветна трпеза за Божиќ.

Според обичаите, рано наутро, веќе во мугрите, пукањето од пушки најавува заминување во шумата по Бадник, а по кој одат мажите од семејството. Обично се избира млада и права цреша, или даб.

Кога ќе го избере вистинското дрво, домаќинот се врти на исток, трипати се прекрстува, го спомнува Бога, својата слава и Божиќ, зема секира и ја сече елката.

Според народното верување, Бадник мора да се пресече со три силни удари.

Она што секирата не го пресече три пати, на крајот го крши или витка. Тој скршен дел на Бадник се вика брада.

Кога ќе се донесе Бадникот, тој останува до куќата, до влезната врата, каде што стои до вечерта, а потоа влегува во куќата. Подоцна во вечерните часови се пали на огништето, како симбол на топлината што го загрева и зближува семејството.

 

ИЗДВОЕНИ