Драмски театар Скопје ја започнува новата 2025 година со гест што е наменет за публиката и затоа подготви празнични блок-билети кои ќе важат за претставите што се на репертоарот месецов. Вратите за публиката ќе бидат отворени по божиќните празници, а билетите за претставите ќе може да се набават со големи попусти.
Притоа, за износ од 1.400 денари, со 50 % попуст на редовната цена на билетите, може да се купат блок-влезници за седум претстави, и тоа: претставата „Диши“ на 21 јануари, „Фамилијата Адамс“ во среда на 22, „Падот на Масада“ во четврток на 23, „Чудесна терапија“ во петок на 24, „Пикник на фронтот“ на 25, „Драми на принцезите“ на 28 и во среда, 29 јануари, е претставата „Парови“.
Вториот избор на блок-билети, со вкупна цена од 1.200 денари, ги содржи влезниците за четири претстави, и тоа: „Фамилијата Адамс“ на 22, „Чудесна терапија“ на 24 во петок, „Пикник на фронтот“ во сабота на 25 и „Драми на принцезите“ во вторник, 28 јануари.
Во Драмски се надеваат на голем одзив на публиката, поради можноста во „најдолгиот месец во годината“ за симболична цена, во десетина дена, да се изгледаат дел од претставите на редовниот репертоар на Театарот, а резервациите за блок-билетите може да се направат најдоцна до 8 јануари.