Празнична прослава на македонската народна песна „Владимирово фолк-фест 2025“ – Во најубавиот дел од годината, по Велигден и пред Први мај

169

Веднаш по Велигденските празници, а во пресрет на Првомајските, во најубавиот и најрадосниот период од годината, малото Владимирово во источниот дел од Македонија, на големо се подготвува за свој прв, вистински голем Фолк-фестивал.    По тој повод на 26 април (сабота) ќе се случи свеченото отворање на новата фестивалска сала „Ванчо Чавдарски“ со почеток од 12.00 часот.

Всушност ова, би кажале, воедно и празнично отворање ќе биде нешто како предфестивалска увертира за првото издание на “Фолк Фест Владимирово“, кој ќе се одржи на 29 мај (после “Валандовскиот фестивал“).

На сцената на новиот македонски фестивал ќе настапи плејада од врвни македонски музички имиња, меѓу кои и: Перо Христов, Нино Величковски, Наум Петрески, Ленче и Горан Кукиќ, Драган Мијалковски, Благоја Грујовски, Зуица Лазова, Круме Спасовски…. Фестивалот на свој начин ќе го слави македонскиот фолклор. Ќе се разлее македонската песна, ќе се презентираат македонските обичаи изродени во духот на традицијата и љубовта кон родното огниште и селото Владимирово кое и на тој начин дефинитивно излегува од својата музичка анонимност, а добива почесно место на географската карта со настаните достојни за почит. Сето тоа благодарение на првиот човек на фестивалот, тој што се осмислил, маестро од светскиот ранг, познатиот Горан Алачки.Всушност, овој важен културен настан го организираат Културниот центар „Горан Алачки“ и Здружението З.В.И.С. се со цел да ја збогатат музичката сцена во Малешевијата. Секако дека сите случувања ќе бидат следени од многубројните акредитирани новинарски екипи од електронски и пишани медиуми, меѓу кои и екипата на весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press

Во рамките на свеченоста, на 26 април, на големата сцена ќе настапи реномираниот камерен оркестар „Скопски солисти“, а публиката ќе има чест да ужива и во извонредниот настап на прочуениот солист, маестро Борис Трајанов.

Истовремено, на таа свеченост ќе биде промовирана и  химната на село Владимирово. Музиката, аранжманот и продукцијата се дело на маестро Горан Алачки. Текстот, полн со емоции и љубов кон татковината и овој крај, е напишан заеднички од Горан Алачки и почитуваната дама Камелија Левенски.                                                                      Оваа важна химна ја пее омилената брачно-музичка двојка, Горан и Ленче Кукиќ. Видеоспотот е снимен во живописниот атар на селото, доловувајќи ги природните убавини и душата на самото Владимирово. Тоа е родното место на таткото на Горан Алачки, а тој воедно не повикува сите да пееме и по официјалниот дел да другаруваме, бидејќи, како што потенцира, животот нема реприза!                        Инаку, на состанокот во Македонската Радио Телевизија постигнат е договор меѓу Културниот Центар “Горан Алачки” и Македонската Радио Телевизија (МРТВ) – да врши директен пренос од “Фолк-Фест Владимирово 2025“ на 29  Мај, на верскиот празник Спасовден. Водителка ќе биде популарната Ели Танасковска.(Д.М.)

 

ИЗДВОЕНИ