Православните христијани денеска го слават празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица. Овој празник ја одбележува последната недела пред почетокот на Исусовите страдања, смртта и Воскресението.
Тоа е денот кога го доживуваме Христовото славно влегување во Ерусалим кога неговите ученици и следбеници кршат цвеќе од дрвјата и врбови гранки и со нив, како и со својата облека му го постилаат патот по кој поминува.
Според толкувачите на Светото писмо, Исус влегол во Ерусалим качен на магаре затоа што кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот како што Исус му служел на народот.
Пречекувајќи го Исус, воодушевениот народ со цвеќе, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините.“ Во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим уште од најрани христијански времиња е востановен празникот Цветници, кој се празнува од третиот век.
Во Македонија овој празник се празнува различно. На пример во гостиварско Зубовце, на овој ден младите невести, девојките и девојчињата со кошници во рацете, одат на прошетка во селските ливади. Берат цвеќиња. Прават толку цветни кивчиња колку што има членови во нивната фамилија. Прават и една поголема китка за куќата која, по враќањето дома, ја оставаат пред домашната икона.
По берењето на цвеќињата и при правењето на китчињата, младите невести, девојките и девојчињата пеат:
Ајде Цвето на цвеќе, Лазаре
Цвеќе да си береме, Лазаре,
Китки да си китиме, Лазаре,
Кому китка по китка, Лазаре,
На Лазара пет китки, Лазаре.
Младите невести, девојките и девојчињата со китките во раце пеат и други песни и играат
На Цветници имендени чекаат оние кои ги имаат следниве имиња: Цветан, Цветко, Цвета, Цветанка, Трендафил, Каранфил, Роза, Ружа, Босилка, Невена, Јасмин, Јасмина, Виолета, и други.