Правно лице казнето со 10 илјади евра за палење отпад

16

Општина Аеродром изрече парична казна во висина од 10 илјади евра на правно лице за палење отпад на отворен јавен простор.

Имено, при вонреден инспекциски надзор извршен на 24 септември, на булеварот „Видое Смилевски-Бато“ број 13, е затекнат отпад од остатоци од градежни материјали што бил спален од страна на фирма подизведувач во градежни активности.

-Станува збор за повреда на Законот за управување со отпадот, поради што Одделението за инспекциски работи изрече глоба за правното лице во висина од 10 илјади евра во денарска противвредност – соопштија од локалната самоуправа.

Оттаму апелираат до физичките и до правните лица да не прават вакви прекршоци, со кои се предизвикува загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, поради што, секое вакво однесување ќе биде ригорозно казнувано.

Истовремено, ги повикуваат жителите доколку забележат несовесно однесување, веднаш да пријават во општинските служби, затоа што само на тој начин, како што велат ќе можеме сите заедно да си ја зачуваме околината во која живееме, работиме и во која ги одгледуваме нашите деца.