ПРАВИЛО СТАРО РЕЧИСИ 200 ГОДИНИ: Зошто изборите во Америка секогаш се одржуваат во вторник?

73
EPA-EFE/ERIK S. LESSER

Американците денеска излегуваат на 60. претседателски избори во нивната историја, а целиот свет го чека нивниот неизвесен исход, кој ќе влијае на низа глобални конфликти и кризи. Во исто време се избира и новиот состав на Конгресот и третина од Сенатот.

Со одлука на Конгресот од 1845 година, претседателските избори се одржуваат во вторник по првиот понеделник во ноември. Соединетите држави во тоа време сè уште беа главно аграрно општество, па изборите во ноември им овозможија на многу Американци да излезат на гласање по есенската сеидба и пред зимата. Бидејќи неделата беше Божји ден, а среда беше пазарен, изборот падна во вторник.

Американските гласачи остануваат поделени меѓу републиканецот Доналд Трамп и демократската кандидатка Камала Харис, а анкетите покажуваат неизвесна трка.

Трамп, 78-годишен републиканец, милијардер поранешен претседател, преживеа два обиди за атентат за време на кампањата, само неколку недели откако поротата во Њујорк го прогласи за виновен за фалсификување, што го прави првиот поранешен претседател на САД кој е осуден за кривично дело.

Во јули, Харис неочекувано стана номинирана од нејзината партија, давајќи ѝ шанса да стане првата жена претседател на Америка, откако актуелниот претседател Џо Бајден се откажа од трката по лошиот настап во дебатата и притисокот од партијата да се повлече.

Анкетите покажуваат дека двајцата кандидати се рамноправни на национално ниво, но и во „поколебливите“ сојузни држави, т.н. „swing states“. Повеќе од 77 милиони Американци веќе го дадоа својот глас, но денот на изборите ќе покаже чија кампања беше поуспешна во мотивирањето да излезат на гласање.

Во последните денови од кампањата и двете партии ги преплавија социјалните мрежи и традиционалните медиуми со последната рунда пропаганда, но и со волонтери кои тропаа на вратите на потенцијалните гласачи.