Прави специјалитети во природа и ја промовира убавината на Кожуф

88

Џоко Ризов е гевгеличанец со слободен дух, кој преку социјалните мрежи, низ фотографии и видеа, најчесто ја промовира убавината на планината Кожуф на уникатен начин. Пасиониран љубител на природата, планинар, велосипедист и кулинар, кој го обожава добриот вкус.

Ги подготвува своите специјалитети на Кожуф (негов втор дом), каде што наместо шпорет, како плотна го користи планинскиот камен. Од едноставни пржени лепчиња до паста, скара и стек, јадењата често се гарнирани со некој од даровите на природата, како шумски печурки.

Еден од најважните моменти во неговата кариера e искачувањето на врвот Ухуру (5.895 метри надморска височина), пред точно една година, кој се наоѓа на највисоката планина во Африка – Килиманџаро.

Ваков подвиг имаат направено и други планинари од Гевгелија, но само Ризов го направи тоа со велосипед. Неговата девиза е: „И најтешкото нешто на светов, ако го правиш од срце, си доаѓа само по себе, без воопшто да почувствуваш тешкотија“.