Предлогот за разрешување ќе му биде доставен на обвинителот Коцевски од неговите колеги во Советот на јавни обвинители, а откако ќе прочита што му забележува власта, може писмено да се изјасни, но не и да присуствува на седницата на која ќе се расправа по него. Американската амбасадорка не ја коментира постапката за разрешување на Коцевски, но одблиску се следи нејзината законитост, изјави Агелер
Министерството за правда ќе го достави предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски до Советот на јавни обвинители откако во него ќе бидат наведени сите аргументи за тешки дисциплински повреди, согласно со Законот за јавно обвинителство, велат за весникот ВЕЧЕР од надлежното министерство. Предлогот за разрешување ќе му биде доставен и на обвинителот Коцевски, а откако ќе прочита што му забележува власта, може писмено да се изјасни, но не и да присуствува на седницата на Советот на јавни обвинители. Владината портпаролка Марија Митева, на последната седница, рече дека разрешувањето е резултат на низа пропусти и повреди во неговото постапување.
– Овие дејства со кои се предизвикани тешки последици за функционирањето на Јавното обвинителство, со што е направено намерно и неоправдана крупна професионална грешка, се правните аргументи со кои ќе побараме разрешување на јавниот обвинител пред истекот на мандатот – изјави Митева.
Во членот 90 од Законот за јавни обвинители е предвидено што е тешка дисциплинска повреда од страна на јавен обвинител. Со оглед на тоа што станува збор за разрешување на државниот обвинител, тогаш наводите би требало да се однесуваат во делот на – ако неовластено издава класифицирани информации, односно изнесува информации и податоци за судски предмети, со што се повредува обврската за заштита на тајноста на постапката утврдена со закон и кога е исклучена јавноста согласно со закон или ако намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, при што различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување одговорност на јавниот обвинител. Обвинителот Коцевски, деновиве, изјави дека сам ќе се повлече од функцијата доколку, по закон, се утврди дисциплинска повреда.
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, денеска изјави дека САД внимателно ги следат случувањата во правосудниот систем, конкретно владиниот предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, но и поднесените интерпелации од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и на ЗНАМ до Собранието за петтемина членови на Судскиот совет што се избрани од законодавниот дом и нагласи дека она што сакаат да го видат е дека се почитува законот во сите процеси.
Зад разрешувањето на јавниот обвинител се крие обид за инсталација на партиски послушник, обвини вчера, на прес–конференција, опозицискиот СДСМ.
– Прашање е дали е поведена постапката за разрешување затоа што не прифатил обвинителот да постапува по политички диктирани случаи. Изјавите на извршната власт дека нема да го земе предвид мислењето на Советот на јавни обвинители се спротивни на законот и сите правни стандарди. Во Законот за јавно обвинителство, член 63, став 3, јасно е предвидено дека Советот на јавни обвинители треба да даде мислење по предлог на Владата. Ако не се почитува ова, тогаш власта и де факто и де јуре потврдува дека има намера да го поништи принципот на поделба на власта и да ги контролира правосудните институции – изјави Александар Алексовски од СДСМ.
Бране Петрушевски од ВМРО ДПМНЕ, на прес- конференција, повтори дека Коцевски и ЈО не мрднале со прст по мноштвото докази што излегле во јавноста за сторен криминал.
– За Коцевски не постои институтот за отворање предмет по допрен глас. Кацарска, Трпков, Коцевски и Рускоска се директно одговорни за ставањето под закрила на политичките криминалци од СДСМ и од ДУИ. Тие се одговорни за распространетоста на корупцијата во пандемски размери, за раст на криминалот и на недовербата на граѓаните во судскиот систем, која е само два проценти – изјави Петрушевски. (П. А.)