Пораката од македонскиот премиер Христијан Мицкоски, Бугарија да ги почитува пресудите од Судот за човекови права во Стразбур, донесени за македонската заедница во Бугарија, ја вознемири официјална Софија и доведе до пинг-понг од реакции на релација Софија-Скопје. По критиките од бугарското МНР дека Мицкоски уште еднаш покажал неразбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права, македонскиот премиер изрази жалење што новиот министер во Министерството за надворешни работи на нашиот источен сосед заборава дека добрососедските политики се темел на европските вредности, без разлика дали некој е дел од ЕУ. Мицкоски е дециден дека наша цел е да градиме добрососедски односи, „но кога станува збор за вистината, тогаш сме тука да ја коментираме“.
-Ние сме партнери во најголемата алијанса во човештвото – НАТО заедницата и ние таму ќе продолжиме да функционираме. Ние ќе останеме тука, но и нашите сограѓани ќе останат таму во Бугарија. Ако промената на Уставот не е директно мешање во внатрешните работи на една суверена и независна држава, тогаш навистина не знам што е. Би се повикал на меѓународното право и Конвенцијата за заштита на правата на заедниците и не можам да не го коментирам правото на македонската заедница во Бугарија која се темели на 14 пресуди од Судот во Стразбур. Сите треба да ја поддржиме македонската заедница, која, за жал, во 21 век во земја членка на ЕУ не може тоа право да го оствари. Тоа нема врска со внатрешните работи, рече премиерот Христијан Мицкоски по реакцијата од официјалната бугарската дипломатија по повод неговите изјави.
Реагираа и од македонското МНР, од каде што велат дека Софија се обидува одговорноста за неисполнетите меѓународни обврски да ја префрли на Скопје. Потенцираат дека почитувањето и спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) не се билатерални прашања, туку задолжителна обврска на секоја земја членка на Советот на Европа.
-Република Северна Македонија останува целосно посветена на владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи како темелни вредности на европската интеграција, и не може да прифати нивно негирање или релативизирање, вклучително и кога станува збор за правата на припадниците на македонското малцинство во Република Бугарија. Дополнително, сакаме да нагласиме дека Република Северна Македонија максимално е посветена на процесот на европска интеграција, сметајќи дека тој процес не треба да биде злоупотребен со воведување на дополнителни политички услови, кои не се дел од Копенхашките критериуми. Политиката на условувања и неосновани обвинувања е непринципиелна пречка на евроинтегративниот пат на нашата држава и не придонесува за градење добрососедски односи, туку напротив – создава непотребни тензии кои не одговараат на европскиот дух на соработка, стои во одговорот од македонското МНР.
Оттаму потенцираат и дека македонските власти силно се залагаат за развивање на пријателските односи меѓу двете држави и за решавање на сите отворени прашања преку рамноправен дијалог, одговорно однесување, заемна почит и разбирање.
– Во наведената насока очекуваме еднакво конструктивен пристап и од страна на Република Бугарија, заснован на целосно почитување на целите и принципите на Повелбата на ОН и правилата на меѓународното право, затоа што тоа е во интерес на нашите граѓани, во интерес на двете земји и во прилог на зацврстување на регионалниот мир, стабилност, безбедност и заедничката европска перспектива, се наведува во соопштението од македонското МНР.
Овие реакции следуваат откако бугарското МНР во средата соопшти дека премиерот Мицкоски уште еднаш покажал неразбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права и на тој начин, сакајќи или не, промовирал „манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се гледаат како вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија“. Бугарската дипломатија потсетува дека европскиот консензус од јули 2022 година, одобрен од сите земји членки на Европската Унија и Македонија, останува валиден патоказ за напредокот на земјава во нејзиниот пристапен процес.
-Ваквите изјави ги сметаме како уште еден обид да се заобиколат преземените обврски и да се сврти вниманието на јавноста од недостатокот на реформи. Претседателот на Владата на Македонија уште еднаш демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права. На тој начин, сакајќи или не сакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се сметаат за вистинско мешање во внатрешните работи на Бугарија, стои во реакцијата на бугарското МНР.
Преписките меѓу двете земји започнаа по изјавата на Мицкоски во средата, кој коментирајќи го предлогот за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија и од бугарска страна дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ, рече дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата, што за него претставува признавање на пресудите од Судот за човекови права во однос на македонската заедница во Бугарија, како и јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет, македонската култура, традиција, обичаи, и на македонскиот јазик. Мицкоски потсети дека високи претставници на ЕУ велеле оти промената на името на државата е последната работа што треба да се направи.
Претходно, евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас најави дека лидери на Европската Унија во следните два-три месеци ќе доаѓаат во Скопје и рече дека интензивната дипломатска активност што постои е во насока на решавање на прашањето со Бугарија. Во исто време, додаде Рокас, додека се работи на решавање на ова прашање, треба да се продолжат напорите за имплементирање на реформите што се наоѓаат во Реформската агенда, усвоена согласно со Планот за раст за Западен Балкан. (В.С.Н.)