Пратеник отвори оган во парламентот на Абхазија: Еден колега усмртил, другиот го ранил

88

Пратеник во парламентот на Абхазија денеска пукал и ранил двајца колеги, а едниот од нив починал во болница, јави руската агенција РИА Новости, повикувајќи се на Министерството за внатрешни работи на Абхазија.

Дошло до конфликт меѓу пратениците Адгур Харазија, Кан Кварчија и Вахтанг Голанџија.

„Харазија пукал неколку пати при што ги ранил Кварчија и Голанџија“, пренесува агенцијата.

Голанџија бил застрелан во главата, а подоцна починал во болница, додека Кварчија бил ранет во рамото и не му е загрозен животот.

Харзија избегал, а неговата локација во моментов се утврдува, изјави за РИА заменик-јавниот обвинител Рустан Тирба.

Агенцијата, повикувајќи се на информациите што ги добила од извор во парламентот, известува дека до пукањето дошло поради дискусија за целосна забрана за „рударење“ на криптовалути.

„На состанокот на УО се разговараше за целосна забрана. Харазија ја поддржа забраната, додека Кварчија ја нарече популизам. После тоа дојде до расправија, а Харазија почна да пука на сите страни“, изјавил изворот за РИА, додавајќи дека прв бил погоден Голанџија, а потоа Кварчија.

Абхазија, официјално Република Абхазија, е делумно призната држава во јужниот дел на Кавказ, на источниот брег на Црното Море, на раскрсницата на Источна Европа и Западна Азија. Зафаќа 8.665 квадратни километри и има околу 245.000 жители, а главен град и најголем град е Сухуми.