Пратениците освен за патни трошоци сложни и за неработење

ЛАВИНА РЕАКЦИИ ПОРАДИ ОДЛОЖЕНИТЕ АКТИВНОСТИ НА СОБРАНИЕТО ЗА УШТЕ ЕДНА НЕДЕЛА

3038

На социјалните мрежи граѓаните не ги кријат реакциите, доминираат прашањата дали пратениците ќе ја донираат мартовската плата на семејствата на жртвите. „Пратеник од Бугарија собра 35.000 евра и ги донесе, а нашиве пратеници земаа одмор. Земање одмор во време на ваква трагедија кога треба да се анализира системот и да се средува, да земеш две недели одмор, е дно, беа само дел од коментарите на граѓаните. Медиумите инсистираа кај службите во Собранието да објаснат зошто сите пратеници се согласиле да нема комисии и пленарни седници во време на вонредна ситуација по катастрофалната несреќа во Кочани во која 59-мина починаа, а околу 200 останаа повредени. Оттаму одговорија дека Собранието е во постојано заседание, а консензуалната одлука на координација е донесена, имајќи ги предвид чувствата на сите граѓани по трагедијата во Кочани, изразувајќи почит кон сите загинати и надеж дека повредените ќе се вратат во добра здравствена состојба. Најавија законски решенија од вторник, по верскиот празник Рамазан

Одложувањето на сите активности, за уште една недела, во домот на народните избраници, меѓу кои и седницата за пратенички прашања и новинарскиот брифинг, наиде на жестоки реакции во јавноста. На социјалните мрежи, граѓаните не ги кријат реакциите, доминираат прашањата дали пратениците ќе ја донираат мартовската плата на семејствата на жртвите.

– Пратеник од Бугарија собра 35.000 евра и ги донесе, а нашиве пратеници земаа одмор. Земање одмор во време на ваква трагедија кога треба да се анализира системот и да се средува, да земеш две недели одмор, е дно, беа само дел од коментарите на граѓаните.

И поранешниот пратеник Љупчо Балкоски на својот фејсбук-профил напиша дека во оваа тешка ситуација во Македонија, наместо да апстинира, Собранието требаше да донесе Резолуција за системски промени за функционирање на државата.

– Собранието требаше и треба да анализира и реагира, да ангажира во комисиите стручни лица кои заедно ќе достават измени во законите и Собранието ќе ги донесе, за нормално и правилно функционирање на државата. Со неработењето на Собранието само се докажува големата поделба и нефункционирање на општеството. Собранието требаше и треба да донесе: Резолуција за системски промени за функционирање на државата. Со тоа треба да ја задолжи Владата да ги извршува поставените цели и активности и да го сподели мислењето во врска со новата пауза.

Со одлуката на Собранието јавно не се согласуваат пратениците од Левица, иако од кабинетот на собранискиот спикер пристигна соопштение дека сите пратенички групи биле едногласни во одлуката за одложување на активностите.

-Скандалозната одлука за ’колективен одмор’ на Собранието ја покажува отуѓеноста на партиите на елитата од барањата на народот. Левица беше единствената партија против ова самоволие, во моменти кога пратениците треба и мора да бидат на висина на задачата. Бегајќи од пратенички прашања, плашејќи се од вистината, Собранието избега и од одговорноста. Во овие моменти, кога е повеќе од потребно, Собранието не презема одговорност да носи закони, туку втора недела по ред бега од таа своја обврска“, велат од партијата.

Медиумите денеска инсистираа кај службите во Собранието да објаснат зошто сите пратеници се согласиле да нема комисии и пленарни седници во време на вонредна ситуација по катастрофалната несреќа во Кочани, во која 59-мина починаа, а околу 200 останаа повредени.

–  На координација помеѓу претседателот и пратеничките групи што се одржа во понеделникот сите заедно одлучија и неделава да нема активности меѓу кои и пратеничките прашања. Според член 5 став 1 од Деловникот, Собранието е во постојано заседание. Консензуалната одлука на координација е донесена имајќи ги предвид чувствата на сите граѓани по трагедијата во Кочани, изразувајќи почит кон сите загинати и надеж дека повредените ќе се вратат во добра здравствена состојба, објаснија  од собраниските служби и најавија законски решенија од вторник, по верскиот празник Рамазан.

Додека новинарите прашуваа дали се отворени канцеларии на пратениците од истокот, каде граѓаните би се обратиле за помош, пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ експресно напиша статус на својот фејсбук-профил дека нивните пратеници секојдневно си ги извршуваат своите работни обврски.

-Во сите општините од каде што има жртви и повредени од немилиот настан во Кочани, нашите пратениците се присутни во пратеничките канцеларии и имаат средби со граѓаните, излегувајќи им во пресрет на сите проблеми со кои се соочуваат, напишаа пратениците од власта.

Денеска премиерот Христијан Мицкоски не ја коментираше одлуката на Собранието со која ги одложи сите активности за уште една недела. Одложувањето на активностите во Собранието, доаѓа во период кога власта најави засилени контроли и законски измени во неколку области со цел да се стави крај на коруптивниот систем.

Во меѓувреме и Државната комисија за спречување на корупцијата почна антикорупциска проверка на Законот за угостителска дејност, на Законот за заштита и спасување, на Законот за инспекциски надзор, на Законот за локалната самоуправа и на други  закони, со цел да се овозможи откривање и спречување на потенцијални ризици од корупција.

Незадоволство од системот повеќе илјади граѓани изразија на протестот одржан во Скопје, а пред Собранието исвиркувајќи ги пратениците, извикуваа „Системот е следен“. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ