Пратеници преминуваат од една во друга партија, а работникот не може да премине во друг синдикат

98

Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ) обвини дека им се нарушуваат правата на работниците кои сакаат да се отчленат од одреден синдикат од Сојузот на синдикати на Македонија и да се зачленат во друг синдикат.

Според Статутот на синдикатот, отчленувањето работникот може да го направи по три години од денот на поднесување на барање за истапување, а во меѓувреме, членувањето ќе му биде во мирување и за него нема да важат правата и обврските на Синдикатот, освен обврската за плаќање членарина до истекот на периодот на мирување.

Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, вели дека уставните судии на 9.10.2024 година утврдиле дека не може некој со сила да го држи граѓанинот во одреден Синдикат согласно, Законот, Уставот и работните односи, но подоцна, на 11.12.2024 истите судии ја стопирале постапката за утврдување на неуставност.

Според него, Уставниот суд зазема страна во синдикалното делување и за оваа ситуација ќе го известат премиерот на следниот состанок со Економско социјалниот Совет.

– Не можат работниците да се зачленат во оние синдикати во кои сакаат. Еден синдикат од Сојузот на синдикати на Македонија и покрај тоа што се знае кое е нивното дејствување, се обидуваат на разни начини да не дозволат членовите да поминат во други синдикати. Кога еден работник ќе достави допис до нив да се отчлени од тој синдикат и да се зачлени во друг синдикат, тој добива дописи каде што кажуваат дека согласно нивниот статут, доколку сака работник да биде отчленет, мора три години да чека после поднесувањето на изјавата за отчленување. Овој апсурд го нема никаде – рече Ристески.

Како што додава, синдикатот на овој начин има за цел да ја уценува Владата, држејќи го со сила членството и на тој начин да покаже дека се репрезентативни синдикати.

– Сведоци сме, пратеници и градоначалници преминуваат од една во друга партија, а за жал работникот не може да премине во друг синдикат. Господата од Сојузот на синдикати на Македонија од еден гранков синдикат, кажуваат дека работникот користел право да го заштитуваат, користел право на К15, и затоа не му дозволуваат да се отчлени. Синдикатот по самиот основ треба да ги брани работничките права, а токму ние ја имаме најголемата заслуга што работниците земаат и К15 и јубилејни награди. Дали сега и ние треба да ставиме шатори пред Уставен суд, за истиот да суди? Очигледно судството во Македонија е катастрофа – истакна Ристески.

Статутот на одреден синдикат се става над Законот, над Уставот и над меѓународните конвенции. Тоа е недозволиво – додаде Ристески. На следниот состанок со Економско социјалниот Совет, ќе се разговара и за покачување на минимална плата. Иако според законското усогласување, таа би се покачила за 1.800 денари, Ристески е на ставот дека треба повеќе да се зголеми.

– Министерката за финансии рече дека буџетот е во добра кондиција и се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик за покачување на минималната плата. Во однос на работа во недела, ние нашиот став сме го кажале. Има компании кои работат во недела и не смее да се прекине технолошкиот процес на работа. Да ги разгледаме аргументите и фактите, нашиот став е познат. Секаде во светот, ако една компанија кога ќе има добивка од 100 проценти на крајот на годината, 60 проценти оди за работниците, а 40 проценти останува за компанијата. Кај нас е обратно, 60 проценти земаат газдите, а само мал процент даваат на работниците – рече Ристески.

ИЗДВОЕНИ