Словенечкиот ракометен стручњак Бранко Тамше, е најсериозен кандидати за нов тренер на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, како замена за Бранко Ангеловски кој минатата недела си поднесе оставка по поразот од РК Алклоид во Суперлигата.

Регионалните медиуми тврдат дека преговорите се во завршна фаза и дека Тамше наскоро ќе седне на клупата на битолскиот тим, во обид да ги поправи резултатите на тимот и да ги оствари целите за оваа сезона.

Тамше има 46 години и 15-годишна тренерска кариера која ја почна како помошник во Горење. По заминувањето на Ивица Обрван, тој ја презеде функцијата шеф на стручниот штаб и освои три шампионски титули во Словенија. Подоцна пет години го водеше Цеље со кого освои 14 од можни 15 трофеи во словенечкиот ракомет, а девет месеци помина и на клупата на Загреб со кого триумфираше во Купот и првенството на Хрватска. Подоцна работеше во катарскиот Ал Рајан, а последниот ангажман го имаше во Нексе од каде си замина во февруари оваа година.