Брилјантната и тешко повторлива кариера на шпанскиот тенисер Рафаел Надал заврши со поразот од Холандија во четвртфиналето на Дејвис купот. Еден од најдобрите тенисери на сите времиња потврди дека со тој пораз доаѓа крајот на неговата професионална тениска кариера.
Започна во 2001 година, а заврши 23 години подоцна. Во текот на кариерата, леворакиот шпански тенисер стана единствениот тенисер во историјата кој три децении беше светски број 1. Тој исто така стана победник на 92 турнири, од кои 22 од грен-слем категоријата и 36 од серијата мастерс 1000.
Кралот на земјата, како што го нарекуваа 14-кратниот победник на Ролан Гарос, четири пати го освои САД Опен, два пати на Вимблдон и два пати на Австралија опен. Само од настапите на турнирите во кариерата има заработено 134,95 милиони американски долари.
Завршувањето на неговата професионална кариера го наметнува прашањето што ќе прави сега Надал, а одговорот на тоа доаѓа од шпанските медиуми. Неговиот нов живот е веќе полн со договори и соработки, меѓу кои се веројатниот спектакл со неговиот голем ривал Роже Федерер на „Сантијаго Бернабеу“ и обврските што ги има како амбасадор на тенисот во Саудиска Арабија.
Тој ќе се посвети на своите тениски академии, а се очекува со Федерер да станат селектори во Лејвер купот. Дополнително, актуелниот селектор на шпанската Дејвис куп репрезентација како негов наследник го гледа Надал. Сега Надал дополнително внимание ќе насочи кон своите брендови, како и рестораните кои ги има низ светот.