Познати се сите 15 финалисти на годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија.  Тројцата кандидати за наградата „Мост“ (најдобра книга напишана на некој од јазиците на националностите во Македонија) беа познати од самиот почеток, минатата недела беа обзнанети финалистите за наградата „Димитар Митрев“ за најдобра збирка критика или есеистика, а сега и за наградите „Стале Попов“ за најдобра прозна книга, „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија и „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади.

Финалисти за наградата „Стале Попов“ се  „Ветрилиште“ (Игор Анѓелков, „Или-или“), „Кој го уби Едгар Алан По“ (Владо Јаневски, „Или-или“), „Приказничар“ (Жарко Кујунџиски, „Антолог“).

За наградата „Ацо Шопов“ во конкуренција се „Јазикот што само ние го разбираме“ (Зоран Јакимоски, „ПНВ Публикации“), „Одглас (на нечуеното)“ (Сузана Мицева, самиздат) и  „Посвети и пофалби“ (Иван Џепароски, „Дијалог“).

За наградата „Ванчо Николески“, пак, ќе се натпреваруваат  „Бакнежи на небото“ (Иван Антоновски, „Светулка“), „Со големо Д (прозен воспев на Другарството)“ (Александар Кујунџиски, „Антолог“) и  „Првото жарче Љ У Б“ (Велко Неделковски, „Арс Ламина“).

Како потсетување, финалисти за наградата „Димитар Митрев“ се „Книжевни паметници“ (Наташа Аврамовска, Институт за македонска литература), „Жени во македонската книжевност од XIX век“ (Славчо Ковилоски, Институт за македонска литература) и „Дом во тишина“ (Никола Маџиров, „Арс Ламина“)

Конкуренти за награда „Мост“ пак, се „Била једном једна кућа“ („Беше еднаш една куќа“, Гордана Јовиќ Стојковска, „Слово љубве“), “Vetëtimat e heshtjes” („Молњи на молкот“, Делвина Крлуку, самиздат) и  „Kopeja Me Zgjebe ndjek autorin” („Шугавото стадо го брка авторот“, Каљош Челику, самиздат).

Добитниците на традиционалните награди на ДПМ за 2024 година ќе бидат обзнанети на прес-конференција за медиуми која ќе се одржи на 11 февруари, а доделувањето на наградите ќе се случи во свечената сала на ДПМ на 78. роденден на Друштвото на писателите на Македонија, на 13 февруари 2025 година.

ИЗДВОЕНИ