„ПОЗИЦИЈАТА НА ПЕКИНГ СЕКОГАШ Е ЈАСНА“: Кина реагираше по американското зелено светло за Украина

55

Прекин на огнот и постигнување политичко решение на конфликтот во Украина е она што може да ги задоволи интересите на сите страни, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан. Запрашан да ги коментира наводите на одредени западни медиуми дека САД и дозволиле на Украина да користи ракети со долг дострел за напад на руска територија, Лин на брифинг за медиумите рече дека позицијата на Кина за војната во Украина „отсекогаш била јасна“.

– Главен приоритет е брзата деескалација на ситуацијата. Кина отсекогаш ги охрабрувала и поддржувала напорите за постигнување мирно решение и е подготвена да продолжи да игра конструктивна улога на свој начин во политичкото решавање на украинската криза – изјави Лин, пренесува РИА Новости.

Според пишувањето на „Њујорк тајмс“ и наводите на Ројтерс и некои други медиуми, администрацијата на претседателот во заминување Џозеф Бајден во неделата ја овластила Украина да користи крстосувачки ракети со долг дострел ATACMS за удари длабоко на руска територија, а потоа , како што пренесува „Фигаро“, истото го направиле и Франција и Велика Британија, дозволувајќи употреба на ракети од сенка SCALP/Storm.