Пожарот што избувна во ски-центар во Турција досега однесе 66 животи – луѓе скокале од прозорец или се спуштале со чаршави да се спасат/видео

487
Фото: screenshot X

Во пожарот што зафати хотел во турскиот ски-центар Бол настрадаа 66 лица, од кои некои беа принудени да скокнат од прозорците за да се спасат, а се претпоставува дека над 80 се повредени.

Пожарот избувнал во хотелот Гранд Картал во 03:27 часот по локално време за време на празничниот период кога во него биле сместени 234 гости, соопштија властите.

Најмалку две лица настрадале кога скокнале од прозорец на хотелот, обидувајќи се да се спасат, јавуваат турските медиуми.

За гаснење на пожарот беа потребни 12 часа.

Уапсени се четири лица, меѓу кои и сопственикот на хотелот, изјави министерот за правда.

Првичните информации покажуваат дека пожарот избувнал во ресторан на четвртиот кат од хотелот и се проширил, изјави Абдулазиз Ајдин, гувернер на Болу.

Во тек е истрага за да се утврди дали гостите, вклучително и деца, останале заробени во нивните соби додека се ширел пожарот.

Хотелот имал два противпожарни излези, а еден од хотелските работници рекол дека успеале да спасат меѓу 30 и 35 луѓе.

Последната инспекција на хотелот била во 2024 година, а турскиот министер за туризам изјавил дека немало поплаки за безбедноста од пожари пред катастрофата.

На фотографиите и видеата се гледаат постелнини кои висат од прозорците, користени од оние кои се обидуваат да избегаат од запалената зграда.

 

Ски инструкторот Неџми Кепчетутан изјави за Би-Би-Си дека бил на вториот кат од хотелот кога избувнал пожарот и успеал да избега, а потоа да помогне во спасувањето на другите.

Очевидци изјавија дека семејството кое е сопственик на хотелот било таму во моментот на пожарот.

Гувернерот Ајдин рече дека поради оддалеченоста помеѓу хотелот во Карталкаја и центарот на Болу, како и поради ледените временски услови, на противпожарните екипи им требале повеќе од еден час да стигнат таму.

Спасувачките напори продолжија во текот на утрото, а министерот за внатрешни работи рече дека службите за итни случаи распоредиле 267 лица за да го изгаснат пожарот.

Планината Болу е популарна меѓу скијачите од Истанбул и главниот град Анкара, а хотелот беше полн со гости на почетокот на двонеделниот училишен распуст.

Северозападниот град се наоѓа на околу 170 километри од Анкара.

Иако пожарот зафати еден хотел, гувернерот за турските медиуми изјави дека соседниот објект е евакуиран како мерка на претпазливост.

ИЗДВОЕНИ