Од Железници на Македонија – Транспорт АД Скопје соопштија дека добиле известување од Организацијата на грчките железници (ОСЕ) дека од синоќа во 19:00 часот повторно е воспоставен железничкиот сообраќај на делницата Солун – Поликастро – Идомени.
– Поради тековните работи на реконструкција на инфраструктурата, во периодот од четврток (27 февруари) од 18:00 часот до вторник (4 март) во 07:30 часот, овој дел од пругата ќе биде подложен на дополнителни градежни активности. Во овој период, железничкиот сообраќај ќе биде дозволен исклучиво со дизел-локомотиви. Од 4 март (19:00 часот), сообраќајот ќе се одвива секој ден од 19:00 до 6:30 часот. Останува на сила целосната забрана за железнички сообраќај на делот Поликастро – Идомени (км 58+010 до км 75+500), сè до дополнителното известување – се наведува во известувањето.
Грчките железници апелираат до сите железнички оператори и машиновозачи стриктно да ги почитуваат пропишаните ограничувања на брзината на оваа делница за да се осигури безбедноста на патниците и на товарниот транспорт.