Апелациониот суд Скопје ја укина пресудата на Основниот кривичен суд Скопје против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, за злоупотреба на службената положба и овластување, и го врати предметот на повторно судење пред првостепениот суд.

– Судот донесе одлука со која ја уважи жалбата на обвинетиот М.З. од С. и пресудата на Основниот кривичен суд Скопје, по жалбата и по службена должност, ја укина и го врати предметот на повторно судење пред првостепениот суд. Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје, изјавена во однос на одлуката за конфискација, ја оцени како беспредметна во оваа фаза од постапката – се наведува во соопштението од Апелација.

Од Судот наложуваат, при повторното постапување, првостепениот суд да ги отстрани констатираните суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 414, став 1, точка 11 од ЗКП, на тој начин што најпрвин ќе ги утврди сите решителни факти во предметот, кои имаат битно влијание за правилна примена на Кривичниот законик, при оценката за постоење на предметното кривично дело и кривичната одговорност на страна на обвинетиот.

– При повторното постапување, потребно е првостепениот суд да ги изведе доказите предложени од странките во насока на утврдување на решителните факти на кои е укажано во ова решение, па по спроведувањето на доказната постапка и изведувањето на доказите предложени од странките, во зависност од утврденото, со правилна примена на Кривичниот законик, првостепениот суд да се произнесе за постоење на предметното кривично дело и кривичната одговорност на страна на обвинетиот, донесувајќи правилна и законита судска одлука, која ќе може во целост и со сигурност да се испита – се вели во решението од Апелација.

Лани во декември, Основниот кривичен суд Скопје го прогласи Зеќири за виновен и го осуди на две години и шест месеци затворска казна за склучување два договора за консултантски услуги, без да спроведе соодветна постапка за јавни набавки. Освен казната затвор, Судот го задолжи Зеќири да ја надомести штетата нанесена на буџетот на државата, во износ од 71.338.336 денари.

Зеќири е осуден за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, според член 353, став 4 од Кривичниот законик, за кој, со последните измени на Законикот, е предвидена казна од една до пет години.