За само два дена, во Брегалничкиот Регион, повредени се тројца работници на работните места, од кои двајца во Пробиштип и еден во Пехчево. Трудов инспектор бил на терен за да направи увид по несреќите на двајца работници на работните места во Пробиштип, од кои едната се случи во рудник, а втората во фабрика за акумулатори. Од Државниот инспекторат за труд го чекаат извештајот од инспекторот, по што ќе знаат како ќе постапат понатаму.

Според информациите од МВР, несреќите се случиле во рудникот за олово и цинк во селото Добрево и во фабриката за акумулатори во Пробиштип.

– Во понеделникот, во 22:08 часот, во Полициската станица Пробиштип, од Итната медицинска помош Пробиштип било пријавено дека кај нив бил донесен 38-годишниот Т.Ј. од Пробиштип, со тешки телесни повреди. Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека ги извршувал работните задачи во рудникот во селото Добрево, Пробиштипско. Бил извршен увид – велат од МВР.

Во Клиничката болница – Штип бил примен 38-годишниот Т.Ј., со тешки телесни повреди и  веднаш бил транспортиран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Втората несреќа се случила во вторникот, во 00:48 часот. Во Полициската станица Пробиштип, од Итната медицинска помош Пробиштип било пријавено дека кај нив бил донесен 20-годишниот А.Р. од Пробиштип, со тешки телесни повреди.

Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршувањето работни задачи во фабриката за акумулатори во Пробиштип. Бил извршен увид и се работи на расчистување на случајот. Дваесетгодишниот работник на виљушкар бил примен во штипската Клиничка болница, каде што, по прегледот, лекарите го пуштиле на домашно лекување, бидејќи бил со полесни повреди.

Во вторникот, при градба на куќа, бил повреден градежен работник во Пехчево. Бил извршен увид од државните инспектори за труд, при што било констатирано дека повреденото лице бојосувало метална конструкција и паднало од висина 2,85 метри. Веднаш било транспортирано во Општата болница Штип и не било затечено при надзорот.

Од увидот во електронскиот систем на Агенцијата за вработување, било утврдено дека повреденото работно ангажирано лице не било пријавено во задолжителното социјално осигурување и работело спротивно на законските одредби. Во делот на безбедноста и здравјето при работа, надзорот е во тек.