Американската скијачка Микаела Шифрин се повлече од трката во велеслалом на овогодишното Светско првенство во Залбах, Австрија, поради посттрауматско стресно нарушување по повредата што ја доби во ноември кога падна за време на трка во истата дисциплина.
Шифрин, која требаше да ја брани титулата од Светскиот шампионат во таа дисциплина, претрпе длабока убодна рана на 30 ноември кога падна за време на велеслаломската трка во Килингтон.
- Моментално се борам со некои ментални пречки за да се вратам на трките со интензитетот потребен за велеслалом. Искрено, не очекував да доживеам толку посттрауматско стресно растројство поврзано со велеслалом поради мојата повреда во Килингтон, напиша американската скијачка со објава на Инстаграм.
Американската скијачка се врати во Светскиот куп минатиот месец, кога на слаломската трка во Куршевел, Франција, заврши на 10. место.
- Се обидов да го прифатам предизвикот, да се обидам да се подготвам за Светското првенство. Мислев дека мојата страст и желба да се натпреварувам ќе ги надминат моите ментални бариери. Можеби тоа ќе биде случај со текот на времето, но сè уште не сум таму. Дојдов до точка каде што се плашам да се натпреварувам во дисциплина што толку многу ја сакав до пред само два месеца, додаде Шифрин.
Шифрин, која го држи рекордот во Светскиот куп за најмногу победи (99), сепак планира да се натпреварува во слаломската трка на Светското првенство, како и во новата екипна дисциплина, во која ќе биде заедно со златната медалистка во спуст, Бриси Џонсон.
Велеслаломската трка за жени е закажана за в четврток.