Општина Центар го распиша јавниот повик за аплицирање за проектот „Итно копче, откако со Црвениот крст на град Скопје беше потпишан договор за негова реализација и на територијата на оваа општина.
Имено, со новата услуга „Итно копче“, на граѓаните над 65 години им се обезбедува помош во итни ситуации, во домашни услови, а е достапна 24/7 во текот на целата година.
На повикот можат да се пријават: жителки и жители над 65-годишна возраст од Центар, со приоритет на лица кои живеат сами или со брачен другар, кој е со нарушена здравствена состојба, потоа, лица кои немаат дијагностицирано деменција, поради тоа што уредот не е соодветен за лица со деменција и Алцхајмерова болест.
Корисниците кои сакаат да се пријават треба да бидат со адреса на живеење во општина Центар, нивната пензија да не надминува 35.000 денари. Услугата може да ја користи само еден член на семејство.
Документи кои се потребни за аплицирање за оваа услуга се: барање кое се пополнува за време на апликација во канцеларијата на Црвениот крст, копија од лична карта и копија од чек од последна пензија.
Сите документи заинтересираните жители можат да ги достават во канцеларијата на „Итно копче“ (улица „Славе Георгиевски Шнајдер“ број 5, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот). Секоја достава на документи претходно се закажува на телефонскиот број 02/15330.
Поради ограничен број на уреди, корисниците ќе се одбираат по принципот „прв дојден – прв услужен“.
Повозрасните центарци можат да добијат итна помош со едноставно притискање на копчето на уредот за комуникација, што се носи како приврзок во форма на нараквица или ланче. По активирањето на копчето, сигналот стигнува до Црвениот крст каде што одговорните лица стапуваат во контакт со корисникот на кого му треба брза реакција за да процени каква помош е потребна, а потоа, во зависност од состојбата се испраќа тим на терен или се повикува итна помош.