Со 64 гласа „за“ и 11 „против“ се изгласаа експресно измените на Законот за урбанистичко планирање. Ниту еден пратеник не зема збор да дискутира, но затоа пак, има големи реакции за тоа што ќе донесат законските измени во делот на важноста на урбанистичките планови и изградбата на катни гаражи.

Од „02 Иницијатива“ кои беа против измените на законот ја повикуваат претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова да не го потпише указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање и го врати на повторно разгледување во Собранието со задолжителна јавна расправа.

– На Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, ги образложивме нашите забелешки и потребата ваков закон со огромни импликации по сите во државава да се носи по редовна постапка и со јавна расправа. Но, членовите на комисијата го изгласале во целост без никакви измени, за само неколку часа подоцна да се изгласа на пленарна седница, каде министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека јавноста нема осонова за грижа, зошто тој за најголемиот дел од околу 600 урбанистички планови, кои ќе продолжат да се изработуваат по стари и неважечки закони и правилници, нема да даде согласност. Фрапантна изјава, која укажува не на почитување на законите, туку на земање на работите во свои раце и апсолутно дискреционо право. Основа за масовна корупција – велат од „02 Иницијатива“.

Оттаму појаснуваат дека законот е донесен по скратена постапка, без јавна расправа, без консултации со стручната јавност, без објавување на Единствениот Национален Електронски Регистар на прописи на РСМ (ЕНЕР) со можност да се дадат коментари и да се влијае во процесот на негово донесување, без задолжително известување на сите засегнати здруженија на граѓани и невладини организации.

– Ваков суштински закон чии последици ги трпиме сите не смее да се донесе без јавна расправа и учество на стручната јавност и граѓанските организации – потенцираат од „02 Иницијатива“.

Оттаму сметаат дека со законот се дозволува повторна изработка на урбанистички планови според стари и неважечки закони и правилници до недоглед, кои за повеќе од 4,5 години не се завршиле.

– Ова укажува на проблем со овие планови, штом не се донеле во толкав временски период, а се изработени со несоодветни параметри, зошто во меѓувреме имаме нови податоци од пописот, просторот се изградил, има изградени линиски центри чии параметри не биле вклучени во планирањето, а сепак ги искористиле најголем дел од ресурсите, итн. Според изјавата на министерот за транспорт, бројката е околу 600 вакви урбанистички планови кои не се донеле во изминативе 4,5 години, да продолжат да се изработуваат по стари невалидни закони и правилници и како такви да се донесат и предизвикаат дополнителен хаос во просторот во кој живееме – велат од „02 Иницијатива“.

Од „Шанса за Центар“ велат дека праксата на новата влада со целосно нетранспарентното носење на измените на Законот за урбанистичко планирање по скратена постапка, потсетува дека лекциите од минатото не се научени, ниту однесувањето е променето, а штетите ќе се зголемуваат.

– Ќе продолжат да се применуваат старите ДУП-ови кои предизвикаат урбанистичка катастрофа во Центар и во другите општини. Ќе продолжат да се изработуваат ДУП-ови по стари правилници, закони, неточни податоци и мерења. Ќе никнуваат катни гаражи по преостанатите слободни јавни површини каде ќе им текне. Ќе се кројат планови во кабинети во интерес на мала група на моќници! Со ова се  потврдува правилото: закони може да се менуваат и преку ноќ, ама ДУП-овите од пред 2012 не смеат да се променат по никоја цена ни во 2024 – велат од „Шанса за Центар“.

Реакции има и од групата „Борба за Влае“ од каде велат дека во ек на летни одмори, топлотен бран и по брза постапка се гласа промена на закон поради кој ќе страдаат илјадници.

– Баш урбанистичкото планирање е круцијална работа за добробитот на жителите на Македонија и требаше детално да се работи на промената на законот кој го регулира. Нека не се вадат со популистички изјави како „поедноставно и со помалку процедури ќе можат да се градат училишта, болници, градинки, како и катни гаражи,“ кога знаеме дека интересот е во изградба на нови станбени единици, приватни установи од јавен интерес (болници, градинки, домови за нега) и најважното – фотоволтаични централи, ветерници, депонии па и рудници во рурална средина. За сите овие работи ќе мораа да следат процедури, закони, препораки, а сега можат да ги градат на ангро и со тоа да им ги исполнат ветувањата на нивните партиски донатори и партнери – потенцираат од „Борба за Влае“.

Со специјални закони нема да не купат и замолчат!

Нека не се надеваат дека со предложените специјални закони со кои ќе се забрани градењето во Центар и Карпош ќе нѐ купат и замолчат, велат од „Борба за Влае“.

– За жал Центар и Карпош можеби имаат најгласни жители (и градоначалници кои не се во коалицијата која ги гласаше измените), но тие жители дишат ист воздух и јадат иста храна со сите во Македонија. Не сме ние себични како пратениците кои гласаа за овие измени и да се грижиме само за нас и нашите семејства. Овие промени на законот се во интерес на тие што ни го влошуваат животот, а очигледно владината коалиција се грижи најмногу за нив – велат оттаму.

Татјана Стојановска, пратеник во Советот на општина Карпош вели дека не е побаран специјален закон за најзагрозените општини, туку добро осмислен и правичен закон на ниво на цела држава

– Гледам луѓе паѓаат на финтата: ќе донесеме специјален закон за Центар и Карпош за урбанизам. И во меѓувреме, сите други општини во ситуација да им го направат истото што и во Центар и Карпош, со гласање на измени на законот за урбанизам со кој ги повампируваат ДУП-овите и општите акти по стариот закон. Потребна е широка дискусија, анализи и статистички податоци, мислење на стручните лица, се’ што ќе овозможи долгорочно решение. Јавниот интерес може да се заштити и спроведе и со урбанистички планови финансирани директно од државата, каде осмислено ќе се планираат објекти од јавен интерес. Се’ друго ќе биде самоволие и изигрување на терминот јавен интерес – потенцира таа.

Богдановиќ: Се потврдува дека одлуките за мораториум за градење во Центар беа исправни!

Идејата за специјални закони за градење е само потврда дека одлуките за мораториум за градење во Општина Центар биле повеќе од исправни, вели поранешниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ. Тој предлага веднаш да се донесе нов ГУП кој требаше да биде донесен до 2022 година но, заради нефункционирање на градот нема абер да се донесе ни во иднина.

– Со новиот ГУП треба да се стави ред во цело Скопје односно во сите 10 општини, а не само во Центар и Карпош, а треба да се донесе одлука (иста како мораториумот) дека сите планови треба да се усогласат со новиот ГУП и додека не се донесат нови планови истите да не се спроведуваат освен за одобренија поврзани со инфраструктура. Мораториумот не беше лабилен, само не ги опфати веќе започнатите постапки бидејќи истите доколку беа попречени ќе нанесоа финансиски штети доколку одредена започната постапка беше стопирана – вели Богдановиќ.

Според него, мораториумот „падна” заради промената на Законот на урбанистичко планирање каде се промени одлуката за неспроведување на плановите т.е. за суспензија за секој план треба позитивно да се изјасни Министерството за транспорт и врски.

– Инаку со мораториумот се ревидираа 9 планови во Општина Центар и се намалија 14.000 квадратни метри за градба, се избришаа цели објекти, а на нивно место се вцртаа општо корисни површини, како зеленило, детски игралишта, паркинзи и градинки. Најдобар пример е ДУП-от Пролет каде наместо на деловен објект вцртавме градинка – вели Богдановиќ.

(С.Бл.)