Повеќе од 100 медицински лица се убиени во Либан од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах

8
EPA-EFE/WAEL HAMZEH

Канцеларијата на ОН за човекови права денеска објави дека повеќе од 100 медицински работници и работници за итна помош се убиени во Либан од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах.

Конфликтот избувна кога групата поддржана од Иран започна напади како поддршка на палестинската милитантна група Хамас на почетокот на војната во Газа. Конфликтот ескалираше во последните недели кога Израел бомбардираше делови од Бејрут.

„Повеќе од 100 медицински и итни работници се убиени ширум Либан од октомври минатата година“, изјави портпаролката Равина Шамдасани на брифингот во ОН, цитирајќи ги бројките собрани од хуманитарната канцеларија на Обединетите нации.

„Имавме неколку извештаи за воздушни напади врз медицински центри и смрт на болничари и пожарникари“, рече таа.

Портпаролот на Светската здравствена организација Кристијан Линдмаер изјави дека од 17 септември имало 18 напади врз здравствени установи во Либан, при што загинале 72 здравствени работници.

Израел вели дека цели на воени објекти во Либан и Газа и презема чекори за да го ублажи ризикот од цивилни жртви. Тој ги обвинува Хезболах и Хамас дека се кријат меѓу цивилите, што тие го негираат.