Повеќе полиција отколку граѓани-Бугарското чествување за Мара Бунева помина мирно и без Виктор Стојанов

576

На панихидата присуствуваа околу 15-ина граѓани, од кои дел од Бугарија, дел од Македонија, а потоа беше положено цвеќето на спомен-плочата на кејот на Вардар. Меѓу нив го немаше Виктор Стојанов, претседател на бугарската фондација „Македонија“, кој во изминативе денови повикувал на организирано одење во Скопје. Учесниците изјавуваа дека сакаат добри односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ.

 

Мирно и без инциденти денеска во Скопје заврши бугарското чествување на годишнината од  Мара Бунева, на кое присуствуваа околу 15-ина граѓани од кои дел од Бугарија, дел од Македонија. Учесниците најпрвин се собраа пред црквата „Свети Димитрија“, нешто пред 11:30 часот, за кога беше најавено одржување на панихидата. Тие влегоа во црква каде што потоа на соодветната маса ја поставија сликата на Мара Бунева, како и леб и вино.

-Дојдени сме тука со најдобри намери и не сакаме да се случат никакви инциденти и сè да помине мирно и достоинствено. Ние уште во саботата дојдовме во Македонија и границата ја поминавме во најдобар ред, немаше никакви проблеми од македонската страна. Меѓу македонскиот и бугарскиот народ постојат добри односи, народите си се сакаат едни со други. Не треба да се слушаат лошите изјави коишто ги даваат политичарите, ни рече Милен Иванов, кој со своите пријатели е дојден од бугарскиот град Казанлак.

Потоа, свештеникот од храмот пристапи кон изведувањето на верскиот обред откако претходно категорично побара телевизиските камери да ја напуштат внатрешноста на храмот.

-Се молиме за душата на починатата наша сестра Мара Бунева, Господ да ја насели таму каде што почиваат душите на праведниците…, ја изговараше свештеникот молитвата што се чита за време на секоја панихида.

Тој во молитвата ги прочита и имињата на Гоце Делчев, Даме Груев, Тодор Александров, Кирил Дрангов, Борис Сарафов, кои беа наведени во списокот што му го доставија организаторите на панихидата.

По панихидата, учесниците во мала поворка, којашто ја обезбедуваа припадниците на МВР, се упатија на Кејот на Вардар, каде што е спомен-обележјето за Мара Бунева. Таму, пак, ја изложија сликата и положија неколку букети со цвеќиња, а направија и заедничка фотографија. Тие не носеа никакви транспаренти или пак бугарски државни знамиња. Не сакаа многу да зборуваат околу чествувањето.

На прашање од медиумите дали имаат порака, еден од нив кратко изјави дека очекуваат македонските Бугари наскоро да бидат ставени во Уставот на Северна Македонија и, како што рече, „да заврши омразата меѓу балканските народи“.

-Македонија си е држава, но има и македонски Бугари. Ние месните, овде што се собираме, сме македонски Бугари. Кога еден ден ќе нè стават во Уставот, сè ќе си дојде на свое место. Очекуваме тоа да биде наскоро, тоа е природен процес, мора да биде тоа така. Само ние не сме во Уставот – рече тој.

Потоа, тие се разотидоа, а како што некои најавуваа во планот им беше да ги посетат знаменитостите во Скопје, но и трговските центри. Меѓу нив го немаше Виктор Стојанов, претседател на бугарската фондација „Македонија“, кој во изминативе денови повикувал на организирано одење на панихидата во Скопје. Според сознанијата, Стојанов не се ни обидел да влезе во Македонија на некој граничен премин. Тој веднаш по чествувањето на својот профил објавуваше фотографии и видеа од настанот.

Мара Бунева е родена 1902 година во Тетово. Основно училиште завршила во Тетово, а средно образование во Скопје. По аферата со затворањето и судењето на македонските студенти во Скопје од страна на српските власти, во 1927 година, Мара Бунева во знак на одмазда на 13 јануари 1928 година извршила атентат врз српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ, на кејот на реката Вардар, кај Камениот мост во Скопје. Веднаш по атентатот, Бунева самата се застрелала за да не падне во рацете на српските окупаторски власти. На повредите им подлегнала ден подоцна, на 14 јануари. Членови на бугарски организации секоја година се собираат на кејот на Вардар во Скопје, на местото на настанот, и оддаваат почит на ликот и делото на, според нив, бугарската револуционерка Мара Бунева. Повеќе пати досега учесниците даваа провокативни изјави во однос кон Македонија и македонскиот народ, а во изминатите години имаше и инциденти. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ