Повеќе од 200 земјотреси ја потресоа европската туристичка мека, властите се подготвуваат за можна евакуација,

462

Повеќе од 200 земјотреси за 48 часа ја погодија областа околу островот Санторини, популарна туристичка мека во Егејското Море, поради што грчките власти ги затворија училиштата и им порачаа на жителите да избегнуваат некои пристаништа, да ги испуштаат базените и да се воздржат од собирање во затворени простории.

Имено, викендов во регионот беа забележани серија земјотреси со просечна јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала.

Најсилниот регистриран земјотрес беше со јачина од 4,6 степени во неделата попладне, проследен со неколку последователни потреси со јачина над 4 и десетици со јачина од 3 степени. Нема извештаи за поголема материјална штета како резултат на овие земјотреси.

Експертите за земјотреси велат дека зголемувањето на сеизмичката активност околу туристичкиот остров во Егејското Море – познат по своите бели згради и плажите со црн песок – не е поврзано со вулканската активност и дека е невозможно да се предвиди дали сеизмичката активност може да доведе до посилен земјотрес, но тие додадаваат дека областа би можела потенцијално да биде погодена од земјотрес со јачина од 6 степени.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис претседаваше со итен состанок во Атина додека властите во Санторини се подготвуваа за можна евакуација.

На стадионот на отворено се поставени шатори, полицијата и пожарникарите се во готовност, а во готовност се и специјалните единици за итни случаи со кучиња трагачи.

На жителите на островот им се советува да избегнуваат големи настани на отворено и да се држат настрана од четири мали пристаништа, вклучувајќи го и пристаништето Фира, кое главно опслужува бродови за крстарење.

На сопствениците на домови и хотели, исто така, им е кажано да ги испразнат базените поради загриженоста дека големи количини на вода може да ги дестабилизираат зградите во случај на силен земјотрес.

Училиштата денеска ќе бидат затворени на Санторини, како и на блиските острови Аморгос, Иос и Анафи.

Грција се наоѓа на неколку раседи и има чести земјотреси.

Санторини, популарна туристичка дестинација што ја посетуваат околу три милиони луѓе годишно, е вулкански архипелаг во јужниот дел на Егејското Море и дел од грчкиот архипелаг Киклади. Самиот Санторини е всушност калдера, огромна вулканска депресија формирана по катастрофалната минојска ерупција пред приближно 3600 години, за која се верува дека придонела за падот на минојската цивилизација на Крит.

ИЗДВОЕНИ