Потврден случај на шуга кај ученик во Кумановско, изолирани се уште тројца

224

Првоодделенец од кумановското село Романовце е заболен од шуга, а тројца ученици од основното училиште „Кирил и Методиј“ се сомнителни и се во изолација, соопштија денеска надлежните од училиштето. Екипи од Центарот за јавно здравје извршија увид во училиштето. Член на семејството на едниот ученик доставил потврда од лекар, а во изолација е и сестрата на првоодделенецот. Другите два случаи се сомнителни, директорот усно бил информиран и двајцата ученици се во изолација. Училиштето презело повеќе мерки, меѓу кои и дезинфекција.

– Само за еден случај имаме потврда дека има, а за другите ученици имаме усна информација. Тие деца седат дома. Едната е сестра на ученикот за кого имаме потврда. Тој ученик што е изолиран, не доаѓа од петокот и заедно со семејството е во изолација до 22 февруари. Едната ученичка (трето одделение) е сестра на тој ученик (прво одделение), со потврда, тој е изолиран, целата фамилија е во изолација. За другите, само вака усно знаеме дека има нешто, меѓутоа немаме официјална потврда – изјави директорот на „Кирил и Методиј“, Скендер Рушити.

Сите училници и простории се исчистени и дезинфицирани.

– Презедовме мерки за дезинфекција на училиштето, исчистено е, сите простории се дезинфицирани. Дојде и докторка епидемиолог, разговараме како да се постапува понатаму, кои се советите. Наставата продолжува со нормален тек. Наставничката по биологија одржа час за инфективни болести, ги запознавме децата со оваа болест. Наставниците редовно доаѓаат и другите ученици се редовни – изјави Рушити.

Шугата е заразна болест што бргу се шири, децата често заболуваат преку блиски контакти, а најчесто се шири во целото семејство. Иако се смета за болест од минатото, сепак, се појавува повремено, со по неколку случаи годишно.

ИЗДВОЕНИ