Министерството за образование и наука (МОН) потпишало меморандум за соработка со „Мен енд маунтен“, креатор и организатор на проектот „Зелена, сончева“, во чии рамки се реализираат повеќе еколошки акции на годишно ниво.
Како што информира МОН, воспоставеното партнерство подразбира меѓусебна поддршка на активностите за поттикнување на еколошката свест и акции за заштита на животната средина.
– Еден од поуспешните настани во изминатиот период е акцијата за собирање и селектирање отпад „Генералка викенд“. Оваа година, настанот ќе се одржи од 9 до 11 мај и ќе биде поддржан од Министерството за образование и наука, преку поголема вклученост на училиштата, односно учениците и училишниот персонал. Согласно со потпишаниот меморандум, во период од три години, преку заемна соработка, ќе бидат спроведени и повеќе други проекти од областа на животната средина, циркуларната економија и управувањето со отпадот, како дел од образовните активности во основните и во средните училишта во државата – се наведува во соопштението на МОН.
Оттаму нагласуваат дека стекнувањето свест за влијанието на човековите постапки врз околината од рана возраст гради одговорни граѓани, кои доживотно ќе имаат позитивен однос кон животната средина.
– Ова партнерство ќе придонесе во остварувањето на посочената цел – велат од МОН.