Потребни се измени во законските решенија за да може да се казнуваат загадувачите на воздухот

19

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, објасни дека сите надлежни чинители активно работеле на терен и оти имало изготвено повеќе записници, а биле дадени и многу предупредувања. Наведе дека глоби немало изречено, бидејќи самата постапка била сложена и додека таа се води, делото можело да застари, но и оти разговарале и со субјекти, индивидуалци кои им правеле проблем на сожителите

 

За да има казнивост и спроведливост против оние што придонесуваат за загадувањето на воздухот, потребни се измени во законските решенија, смета градоначалникот на Општина Kавадарци, Митко Јанчев.

Тој на последната седница на Општина Кавадарци, на која беше усвоен Годишниот извештај за амбиентален воздух во општината за 2024 година,, појасни дека сите надлежни чинители активно работеле на терен и оти имало изготвено повеќе записници, а биле дадени и многу предупредувања. Наведе дека глоби немало изречено, бидејќи самата постапка била сложена и додека таа се води делото можело да застари, но и оти разговарале и со субјекти, индивидуалци кои им правеле проблем на сожителите.

Јанчев истакна дека гасификацијата и топлификацијата во иднина, ќе го намалат користењето дрвна маса и нееколошки горива.

Советникот Павле Маневски кој е претседател на Комисијата за екологија, информираше дека на последната седница на комисијата побарале да им биде доставено, колку и какви глоби биле изречени, од 2021 година досега, но истакна дека не добиле.

Нагласи дека е недозволиво како општина која е втора во државата по најзагаден воздух, да нема изречено ниту една глоба за загадување на амбиентален воздух.

-Постојат две решенија. Првото, се законските измени за што очигледно нема расположение во централната власт. Второто е, ЈП „Комуналец” да добие дозволи за мерење – истакна Богевски.

Тој порача да се субвенционираат горилници за печење ракија на гас и пелетарки, да се направи стратегија за решавање на проблемот.

Вуко Мелов наведе неколку причини за загадувањето. Неповолната положба на градот, но и непланска градба и негово затворање, без провеви. И за него неприфатливо е со толку загаден воздух да нема изречени казни.

Горан Кузмановски рече дека лете загадувањето било во рамките на дозволеното а зиме, според анализите, било над 90 проценти од затоплувањето во попладневните и особено во вечерните часови.

Инспекторот за животна средина, Доне Илов појасни дека по 24-месечен мониторинг, било утврдено оти најголемото загадување доаѓа од загревање на домовите со фосилни горива, па од сообраќај и од урбана прашина при движење на возила и дека постојано се вршеле инспекциски контроли.

ИЗДВОЕНИ