Националната установа „Музеј Гевгелија“ е вистинска ризница на историјата и етнологијата на Гевгелиско од праисторијата, па се’ до денес. Музејот располага со над 11.000 археолошки музејски предмети. Од нив највредни експонати, покрај другите, се групниот наод од гробот бр. 111 од некрополата Милци, каде што било погребано женско лице со висок социјален статус. „Дамата од Милци“, како што е наречена, е претставник на локалната пајонска заедница, во рамките на праисториската населба регистрирана на Вардарски Рид, а наодите беа меѓу 19 значајни предмети пронајдени во Македонија, презентирани неодамна на изложбата „Првите кралеви на Европа“ во САД и Канада. Исто така од старомакедонскиот антички град Гортинија од 4 и од 3 век од старата ера, потекнуваат мермерната статуа на Афродита и групниот наод – остава со 51 сребрена тетрадрахма, ковани во име на Александар III Македонски и неговите наследници. Уникатен според својот облик, е и римскиот бронзен сад за загревање течности, во науката познат под името „Аутепсата од Гевгелија“
Ова се музејски бисери што во хиерархијата на секој наш или музеј во светот би биле на највисокото скалило на културните раритети, највредни споменици на културното наследство на една земја. За жал, Музејот е сместен во ненаменски објект изграден во далечната 1906 година во кој нема можност да се изложи овој богат музејски фонд. Директорот Саша Јованов во разговор за весникот ВЕЧЕР говори за работата на музејот, проблемите со кои се соочуваат вработените и за идните планови.
Кога е почетокот на музејската дејност во Гевгелија?
– Почетокот на музејската дејност во општина Гевгелија се поврзува со 1964 година кога е формирана првата историска збирка во старата „филатура“ и со тоа започнува музеологијата во Гевгелија. Во 80-тите години од 20 век, формиран е Општинскиот Музеј „Митко Зафисовски“, раководен од археологот Владо Аврамов. Во рамките на Музејот се формирани археолошка, етнолошка, историска и збирка од историјата на уметноста. Збирката е префрлена во Владовиот конак, во денешната зграда на музејот градена во 1906 година. Во 90-тите години од минатиот век установата е преименувана во „Народен музеј“ Гевгелија, за да во 2005 година добие статус на Национална установа Музеј – Гевгелија, благодарение, пред сè, на значајните резултати постигнати на полето на археолошките ископување и популаризацијата на откриеното културно наследство. Нагласокот во развојот на установата отсекогаш бил на многубројните успешно реализирани проекти на одделението за археологија, кои се и главен извор на нови многубројни музејски предмети. Основната дејност на Музејот е систематско истражување, собирање, откупување, средување, стручна и научна обработка и проучување, конзервирање на подвижен материјал, чување, објавување и презентација на музејскиот материјал и предмети од значење на археологијата, етнологијата, историјата, историја на уметноста и средновековната уметност. Во составот на музејот е и Уметничката галерија „Амам“.
Во какви услови работи музејот денес?
– Познато е дека Музејот е сместен во ненаменски објект изграден во далечната 1906 година кој во 1980 година бил адаптиран според тогашните потреби на дејноста и постојниот кадар. И по поминати 45 години, музејот ја врши истата функција во постојниот комплекс (северното крило е доградено 1998 година) со зголемен број на вработени кој од шест вработени во 2006 година, денес има 14 вработени.
Со колку археолошки музејски предмети располага Музејот?
– Бројот на археолошките музејски предмети се зголемува од почетните 420 на над 11 илјади коишто се депонирани во истиот простор. Од сето ова се согледува дека веќе во Музејот не постојат соодветни услови за работа и натамошен развој на дејноста. Институцијата по својата поставеност и организациона структура претставува општ музеј кој поседува четири збирки, и тоа, археолошка збирка, етнолошка збирка, историска збирка и збирка од историја на уметност.
Во музејскиот изложбен салон е сместена постојаната археолошка поставка со наслов „Вардарски Рид со околните наоѓалишта“ во која се претставени над 350 предмети од локалитетите на ова подрачје. Застапени се садова керамика, накит, камена и теракотна пластика, како и калапи за нивно производство, луксузна керамика, керамичка када, амбалажни садови и голем фонд на монети од сите кралеви на античка Македонија. Сите овие неповторливи сведоци на минатото се настанати во период од 4.500 пред Христа (неолит) до последните децении на 4 век по Христа (доцна антика) пронајдени во општините Гевгелија, Богданци и Дојран.
Кои се највредните и најзначајните предмети со кои располага НУ „Музеј Гевгелија“?
– Првиот, најстар наод, датиран во раниот 7 век стара ера, е групниот наод од гробот бр. 111 од некрополата Милци, каде што било погребано женско лице со висок социјален статус. „Дамата од Милци“, како што е наречена, е претставник на локалната пајонска заедница, во рамките на праисториската населба регистрирана на Вардарски Рид. Од истиот локалитет, од последователната античка населба, односно од старомакедонскиот антички град Гортинија од 4 век и од 4-3 век стара ера, потекнуваат мермерната статуа на Афродита и групниот наод – остава со 51 сребрена тетрадрахма, ковани во име на Александар III Македонски и неговите наследници. Најмлад експонат според датацијата, но наедно и уникатен според својот облик, е римскиот бронзен сад за загревање течности, во науката познат под името „Аутепсата од Гевгелија“. Ова се музејски бисери што во хиерархијата на секој наш или музеј во светот би биле на највисокото скалило на културните раритети, највредни споменици на културното наследство на една земја.
Според вас што е најнеопходно во моментов за Музејот?
– Потребно е да нагласам дека е неопходна изградба на нова модерна зграда која ќе ги исполнува пропишаните норми и стандарди за музејска дејност. Условите за работа директно го диктираат обемот, динамиката и квалитетот на исполнувањето на задачите поврзани со заштитата на целокупното културно наследство на општина Гевгелија, во кое покрај археолошкото, постои организиран интерес за заштита на етнолошкото, историското и богатството од областа на историјата на уметноста.
Во Вашата информација до Советот на Општина Гевгелија велите дека е потребно Музејот да стане Завод?
– Ако се фокусираме кон заштитата на недвижното културно наследство во градот и општината Гевгелија, тоа спаѓа под надлежност на Завод и Музеј Струмица и тоа ќе остане така се додека Општина Гевгелија не пројави интерес за проширување на дејноста на Гевгелискиот музеј со кој истиот би се трансформирал во статус Завод и Музеј Гевгелија. Овој голем недостаток постојано се чувствува од страна на Музеј Гевгелија кога се работи за реализација на заштитни археолошки истражувања и конзервација на градежното наследство, а општината Гевгелија тоа директно го чувствува од аспект на изготвување на плановите за ГУП и ДУП.
Се надеваме дека постои интерес за надминување на овие состојби, кои и натаму ќе бидат товар на засегнатите субјекти, така што крајно време е да се покрене иницијатива за проширување на дејноста на Националната Установа „Музеј Гевгелија“. Во 2018 година Советот на Општина Гевгелија покрена таква иницијатива и мислам дека е потребно реафирмација на ваквата иницијатива и од сегашниот состав на Советот.
Каква е ситуацијата со археолошките локалитети во општина Гевгелија?
– Археолошките локалитети кои се во близина на градот Гевгелија и околината од аспект на безбедност се сигурни и досега не се забележани нови траги на недозволено ископување и нивна девестација. До пооддалечените археолошки локалитети поради недостаток на службено возило, стручните лица не се во можност да вршат периодичен увид во нивната состојба.
Што се однесува до најзначајниот археолошки локалитет и Споменикот на културата – Вардарски Рид, тој и натаму е во незавидна состојба. Старите и новите урбанистички планови постојано ја напаѓаат неговата целина и интегритет. Голем проблем е пренамената од земјоделско во градежно земјиште на парцели кои се наоѓаат на самиот археолошки локалитет.
Се додека целиот простор на локалитетот не биде заграден и не биде воспоставена постојана чуварска служба, а за комплетна презентација да се направи нова музејска зграда, археолошкиот локалитет т.е. старомакедонскиот град Гортинија нема да може соодветно да ја претставува единствената историја на градот Гевгелија долга над 2500 години.
Што планира Музејот како активност во 2025 година?
– Оваа година стручните лица од НУ „Музеј Гевгелија“ ќе ископуваат на археолошкиот локалитет Вардарски рид со пообемни истражувања за разлика од лани, а исто така ќе има ископувања и на археолошкиот локалитет Брданов Камен – Богданци каде што се истражува луксузна вила од доцноантичкиот период.
Од аспект на музејската документација ќе биде изработен проект за нејзина целосна дигитализација и изработка на проекти за 3Д визуализација на музејските експонати за да бидат полесно достапни до пошироката јавност.
Во Уметничката галерија Амам планирано е да се реализираат над дваесетина изложби во организација на Музејот и во соработка со други институции од Македонија, со што продолжуваме да даваме прилог кон развој на културниот живот во градот.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ