Потребна е дополнителна инјекција од централната власт

38

Битола во моментов наликува на големо градилиште, а локалната самоуправа е насочена кон завршување на започнатите проекти, најави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, во телевизиско гостување.

– Јас и локалната самоуправа сме насочени кон завршување на тие проекти. Битола е едно големо градилиште во моментов и јас им се заблагодарувам на граѓаните, направивме мали непријатности затоа што улиците се во фаза на реконструкција, на некои се работи и настојуваме да ги завршиме пред Нова година. Топлификацијата е во завршна фаза. Прв пат во Битола, по седум години застој, се надевам дека ќе заживее тој проект – истакна Коњановски. 

Тој воедно информираше дека Општина Битола го изгласала досега историски најголемиот буџет од 2 милијарди 760 милиони денари за 2025 година или оперативниот дел е 1 милијарда 330 милиони. Но, укажа на тоа дека, сепак, им е потребна дополнителна инјекција од централната власт.

– Потребна е дополнителна инјекција, макар што Општина Битола, со средствата што сама ги собираше, и дотогаш работеше функционално, особено во инфраструктурата да се направи нешто позначајно, имајќи предвид дека најголемиот дел од овие средства ќе се искористат токму во тој дел. Добивме пари за 16 проекти со кои аплициравме, тие поминуваат низ министерствата и низ владина проверка. Најголем дел од нив, 13, се за инфраструктурата, патиштата и улиците. Два проекта се во делот на спортот, реконструкција и обнова на боксерската сала во Битола и на јужната трибина на стадионот „Петар Милошевски“, со што би се оформила таа целина. Имаме и реконструкција, изведба на фасада на училиштето „Стив Наумов“ во Битола – вели Коњановски.

 

ИЗДВОЕНИ