Потрагата по тригодишното девојче по кое од средата попладне бројни служби трагаат во реката Сава во Загреб и загрепската жупанија, ќе продолжи утринава. Тоа што мајката и го кажала на полицијата веднаш укажувало дека се работи за убиство.
Потрагата започнала откако 34-годишната мајка во средата околу 16 часот и 10 минути повикала полиција. Како што пишуваат хрватските медиуми таа експлицитно не кажала дека го убила детето, но она што го кажала веднаш ја насочило полицијата кон фактот дека се работи за криминално дело.
Полицијата ја лоцирала во близина на Јанкомирскиот мост. Меѓу другото, таа кажала дека влегла во Сава со детето во раце, а сето она што и го кажала на полицијата само го потврдило сомнежот дека се работи за убиство на сопственото дете. Изгледала дека не била свесна и била однесена на лекарска помош.
Полицијата со оглед на изјавите на мајката и она што го затекнала на местото на настанот ја отфрли можноста да се работи за несреќа во која детето паднало во реката Сава. Облеката на мајката била мокра, што потврдило дека и таа била во Сава, но полицијата ја исклучила и можноста дека се работи за обид за самоубиство со детето во раце.
Не се знае дали девојчето се удавило или мајка ѝ прва ја убила.
Во еден момент, откако влегла во Сава со детето во раце, таа очигледно го пуштила девојчето да плива по Сава. Се уште не е познато дали девојчето се удавило или било прво убиено. Истрагата треба да утврди што точно се случило, но се е отежнато поради тоа што телото на детето го нема и прашање е дали ќе биде пронајдено.
Мајката вчера и официјално е уапсена и е осомничена за кривично дело тешко убиство. По апсењето, таа повторно ќе биде сослушана, овој пат пред обвинителството. Семејството го ангажирало адвокатот Милко Крижановиќ, но тој вчера соопшти дека одбива да ја застапува жената и нејзиното семејство и дека на уапсената мајка ќе и биде обезбеден полномошник по службена должност.П олицијата го испрашала и сопругот на уапсената, како и голем број други лица кои би можеле да и помогнат на полицијата во истрагата.
Двојката има уште едно петгодишно дете, кое е добро. Сè уште не е јасно што ја поттикнало мајката да ја фрли својата двегодишна ќерка во реката Сава. Сепак, според информациите со кои располагаме, мајката и претходно била лекувана од психички нарушувања.
Од Хрватскиот завод за социјална работа за Хина потврдија дека семејството на 34-годишната жена не е третирано од надлежните подрачни служби, ниту пак се преземени мерки за правна заштита на семејството.
Потрагата продолжува денеска, а надежите за пронаоѓање на девојчето се сè помали.
Екипите за пребарување го поминаа целиот ден вчера користејќи чамци и дронови за да ја пребаруваат реката Сава низводно од мостот Јанкомир. Темнината ја прекина потрагата, како и претходниот ден. Поради високите нивоа на водата, условите за пребарување се исклучително тешки, а ноќта дополнително ги отежнува напорите на спасувачките служби, пишува Индекс.хр.