Потонувањето на јахтата на Линч е голема мистерија: „Бродот е направен да биде непотопив“

2284
EPA-EFE/IGOR PETYX

Пловилата како потонатата јахта во која загина британскиот милионер Мајк Линч се направени така да бидат „непотопливи“, изјави Џовани Костантино, извршниот директор на компанијата „Italian Sea Group“, која произведува и продава јахти.

Костантино изјави за Скај њуз дека нема никакви недостатоци во дизајнот и конструкцијата на јахтата што се преврте во бурата кај брегот на Портчело на Сицилија во понеделникот и дека таа е „најбезбедната од бродовите“.

„Едриличарските бродови се познати како најбезбедни бродови, бидејќи нивната структура ги прави непотопливи тела. Овој инцидент звучи како неверојатна приказна“, рече Константино.

Италијанските власти отворија истрага дали отворите на палубата на луксузната јахта „Bayesian“, која потона кај Сицилија, довеле до катастрофа во која едно лице загина веднаш, додека пет тела се извлечени по неколкудневна потрага. Телото на милионерот Мајк Линч, познат како „британскиот Бил Гејтс“, е идентификувано, додека потрагата по неговата ќерка Хана (18) се уште трае.

Раниот фокус на официјалната истрага е дали екипажот на јахтата ги затворил отворите за пристап до бродот пред да започне бурата, а пијавицата набрзо ја потопила јахтата.

Според апликацијата за следење на бродови Vesselfinder, бродот го напуштил сицилијанското пристаниште на 14 август и последен пат бил виден на радарот источно од Палермо во неделата вечерта, со статус на навигација „на сидро“.

Се верува дека бродот бил погоден од надводно торнадо, инаку познато како воден излив, поради што потонал „Bayesian“. Постојат одделни извештаи за кршење на јарболот на бродот за време на бурата, како и за влез на вода преку отворите и вратите на палубата.