Mинистерот за транспорт и врски, Александар Николоски, посакува прекуокеански летови од скопскиот аеродром. Тој вели дека во Владата интензивно се работи на почнување на долги летови од Скопје.

– Многу интензивно работиме Скопје да стане третиот главен град на Балканот, од каде што ќе има прекуокеански летови. Во моментов прекуокеански летови има од аеродромот од Истанбул и аеродромот во Белград, а нашата цел е Скопје да биде третиот град од каде што ќе се лета прекуокеански – деновиве најави министерот Николоски и истакна дека проектот е „амбициозен“, но оти придобивките за земјата ќе бидат значителни. Тој не прецизираше како ќе се изведе сето тоа.

Ѓорѓи Чачкиров, поранешен директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство и поранешен професионален пилот, вели дека и во минатото имало обиди за воспоставување долги летови од скопскиот аеродром, но сè зависи од капацитетот и поставеноста на пистата и од оддалеченоста на ридовите – Катлановско Блаце при слетување и Скопска Црна Гора при полетување.

– Постои правило кое треба да биде исполнето, а тоа е авион при полетување од пистата и е со максимална тежина, во случај да му откаже еден од моторите да може да ја надлета препреката (во случајов брдото) и да се врати назад. Тоа е условот кој не е исполнет на скопскиот аеродром. Поради тоа, ЈАТ во поранешна Југославија никогаш не го направи скопскиот аеродром директно поврзан со прекуокеанските земји иако од 18 до 23 проценти од патниците за далечни летови на тогашниот авиопревозник, беа од Македонија – вели Чачкиров за весникот ВЕЧЕР. 

Според него, и за тоа има решение, ако се направи промена на правилото.

– Авионот од аеродромот не мора да полета со максимална тежина, туку со скратен број на патници и гориво и да слета на некој друг европски аеродром, како Виена или Цирих, на пример. Таму ќе ја постигне максималната пополнетост со патници и гориво и да продолжи директно преку океан. Тоа е нешто како код-шер договор. Со таков договор „Ер Канада“ планира да се поврзе со Скопје преку Цирих – појаснува Чачкиров.  

Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија

Од ТАВ Македонија, операторот на двата домашни аеродроми за весникот ВЕЧЕР велат дека Меѓународниот аеродром „Скопје“ е подготвен за вршење на интерконтинентални летови.

– Како ТАВ Македонија, на Меѓународниот аеродром „Скопје“, подготвени сме и ја имаме потребната опрема да опслужуваме интерконтинентални летови и со задоволство ќе ја дадеме нашата најголема поддршка на секоја компанија која би изразила интерес за воспоставување директен лет до Северна Америка – вели Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ „Македонија“.

Тој потсетува дека матичната компанија ТАВ „Аеродроми“, која е членка на групацијата ADP, е водечка светска платформа за управување со аеродроми која управува со 15 аеродроми во осум земји.

– Така што имаме големо знаење и мрежа на контакти во воздухопловството и постојано вложуваме максимални напори за да обезбедиме поголем опсег на дестинации кои оперираат од аеродромите во Скопје и во Охрид, вклучително и воспоставување интерконтинентални летови до центрите на македонската дијаспора. Нашата цел е да создадеме повеќе можности за патниците, односно да ги направиме македонските аеродроми конкурентни регионални воздухопловни центри. Свесни сме дека во Северна Америка има голема македонска дијаспора која моментално се опслужува преку Истанбул, Белград, Виена, Франкфурт, Варшава. Сепак, одлуката за воспоставување интерконтинентален лет од Скопје ќе ја донесе самиот авиопревозник. Ние сме тука да иницираме, да привлечеме и поддржиме на кој било начин таква одлука, навиваме за тоа и со задоволство ќе им служиме на авиокомпанијата и на нашите ценети патници кои патуваат преку скопскиот аеродром пред да се качат на лет за Северна Америка – истакнува Курт.

Во 2017 година, македонската влада разговараше за можно воведување на летови од Скопје до САД и Канада со извршниот директор на „Туркиш ерлајнс“, Билал Екси. Според специјализираниот портал „Ексјуавиејшн“, Македонија и Турција имаат договор за отворено небо и со САД и со Канада, кој дозволува на турски авиопревозник да му бидат издадени права на петтата слобода од регулаторите од сите вклучени страни. Меѓутоа, за да може Скопје да обезбеди летови до Соединетите Држави, ќе мора договорот да биде подложен и на ревизија од американските власти.

Деновиве „Ер Канада“ започна со споделување кодови на услугата на „Еделваjс ер“ меѓу Цирих и Скопје. Канадскиот авиопревозник го стави својот означен код „АC“ и броевите на летот на петочната услуга на „Еделвајс “меѓу двата града (АC6010/6011). „Ер Канада“ започна со споделување кодови на различни линии на „Еделвајс ер“ од минатиот февруари, но дури овој јануари ги додаде своите броеви на летови на услугата кон Скопје.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ