Советниците на ЛДП во општинските совети, при составувањето на ребалансите за оваа година и за новите буџети во идната година, ќе достават предлози со кои ќе побараат поставување на фотоволтаици на секоја јавна општинска установа.
– Сметаме дека ваквиот предлог е корисен, практичен и лесно спроведлив од повеќе аспекти: Ќе се произведува електрична енергија од обновливи извори, со што ќе се заштити животната средина и значително ќе се намали загадувањето на воздухот во околината и ќе се заштедат финансиски средства за секоја установа, средства кои ќе може да се пренаменат за други, корисни проекти на установата – вели Филип Јакимовски, претседател на Градската организација на Либерално- демократската партија (ЛДП).
Според Јакимовски, со отстранувањето на досегашните извори на енергија кои загадуваат и поставувањето на фотоволтаици ќе се придонесе за поздрава и почиста животна средина, а со продажбата на вишоците на струја ќе се оствари дополнителен финансиски профит за институцијата.
Од ЛДП сметаат дека поставувањето на фотоволтаици на установите е проект кој не чини многу, нема да одземе многу време, а придобивките се повеќекратни и корисни за сите.
– Пресметките за досега поставените фотоволтаици покажуваат дека сметките за струја се намалуваат помеѓу 50-60% и целокупната инвестиција се враќа за 5-6 години. Со оглед на тоа дека рокот на траење на овие панели е околу 20 години, тие 14-15 години произведуваат електрична енергија исклучиво за инвеститорот – додава Јакимовски.
Со цел подигнување на свеста на граѓаните и побрзо реагирање од страна на надлежните, во периодот што следува сите советници во локалните совети, кои се од редовите на ЛДП, ќе покренат вакви иницијативи во своите општини.