Општина Центар доби шест фотоволтаични сообраќајни знаци на неколку стратешки локации, со цел зголемување на јавната свест за поголема безбедност во сообраќајот. Фотоволтаичните сообраќајни знаци се поставени во близина на пет основни училишта: „Јохан Хајнрих Песталоци“, „Кочо Рацин“, „Коле Неделковски“, „11 Октомври“ и „Свети Кирил и Методиј“. Станува збор за донација од компанијата „Окта“, во рамките на долгорочната општествено одговорна платформа „Јас внимавам“.
– Нашата општина е комплетно урбана и предизвиците за малите пешаци се навистина големи и многубројни – нагласи градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Тој информираше дека овој месец ќе се организираат и работилници за првачињата во Општина Центар, на тема „Правила за малите пешаци“, со цел запознавање со основните правила за безбедно учество во сообраќајот.
Главниот извршен директор во „Окта“, Димитриос Пасхос, истакна дека безбедноста на децата е од најголема важност во секое општество, а со поставувањето фотоволтаични сообраќајни знаци во близина на основните училишта се придонесува за побезбедна средина не само за најмалите пешаци туку и за сите учесници во сообраќајот.