Постарите луѓе во Јапонија се соочуваат со осаменост и сиромаштија, некои жени избираат затвор како засолниште

25

Осаменоста и сиромаштијата на старите лица во Јапонија доведуваат до чуден тренд – многу постари жени намерно го прекршуваат законот за да завршат во затвор, каде што ја наоѓаат стабилноста, основната грижа и друштвото што им недостасува надвор од затворските ѕидови.

Во најголемиот јапонски женски затвор, Точиги, 20 отсто од затвореничките се постари. Затворот се повеќе се прилагодува на потребите на постарата популација, вклучително и помош при капење, хранење и медицинска нега.

„Некои жени велат дека дури би платиле и месечна претплата за да останат тука засекогаш“, рече затворскиот службеник Такајоши Ширанага.

Собите се полни со постари жители, со збрчкани раце и искривени грбови. Тие полека се движат низ ходниците, некои користат помагала. Работниците им помагаат да се капат, да јадат, да одат и да земаат лекови.

Но, ова не е дом за стари лица – ова е најголемиот женски затвор во Јапонија. Населението овде го отсликува стареењето на општеството надвор, како и сеприсутниот проблем на осаменоста, кој, велат чуварите, станува толку акутен за некои постари затворенички што повеќе би сакале да останат затворени.

„Има дури и луѓе кои велат дека би платиле 20.000 или 30.000 јени (130-190 долари) месечно (ако можат) за да живеат тука засекогаш“, им рече Ширанага на новинарите на CNN на кои им беше дадена ретка можност да го посетат затворот во септември минатата година.

Според податоците на јапонската влада, кражбата е најчестиот криминал меѓу постарите затворенички.

Повеќе од 80 отсто од постарите жени во затворот во 2022 година биле осудени за кражба. Причините вклучуваат сиромаштија – 20 проценти од луѓето над 65 години во Јапонија живеат под прагот на сиромаштија, значително повисока од просекот на ОЕЦД – како и изолација и недостаток на поддршка.

Затворските чувари сведочат дека многу жени се враќаат во затвор бидејќи немаат каде да одат, немаат доволно средства за живот или имаат потреба од медицинска нега што не можат да си ја дозволат надвор од затворот.

Јапонските власти се свесни за проблемот. Министерството за правда започна програми за да им помогне на затворениците да се подготват за самостоен живот, додека локалните иницијативи се фокусирани на обезбедување домување и социјална поддршка на стари лица без семејства.

Сепак, со оглед на брзото стареење на населението и ниската стапка на наталитет, многу експерти веруваат дека на Јапонија ќе и требаат значителни ресурси и промени за да се справи со предизвиците што ги носи зголемениот број на стари лица во општеството.

ИЗДВОЕНИ