Лоша организација и менаџирање на Поштата, недостиг на дигитализација, мануелна работа, човечки грешки во финансиските извештаи, отсуство на единствен систем на работа и неодговорни работници што не одат на работа. Овие скандалозни наоди се само дел од проблемите опишани во физибилити студијата за Македонска пошта спроведена во 2021 година, за која државата платила околу 800.000 евра.

Токму ваквите состојби што се провлекуваат со години ја доведоа Пошта да работи со загуба, а сега веќе е доведена во прашање редовната исплата на платите на вработените кои денеска својот револт го изразија со мирен протест. Велат дека февруарската плата не ја примиле во законскиот рок, до 15 март и се загрижени за опстанокот на Македонска пошта, како и за зачувувањето на нивните работни места.

Претседателот на синдикатот на Пошта, Боро Велигденов истакна дека 80 проценти од вработените земаат околу минималната плата, но со оглед на лошата финансиска состојба на друштвото, се плашат дека во наредниот период ќе продолжи нередовната исплата на платите.

– Оваа финансиска криза е резултат на лошата организација на работењето во Македонска пошта предизвикана од кадровската политика и менаџирањето со години кое се спроведува со непродуктивно прераспоредување и вработувања, со што се доведовме во состојба на недостаток на работници во технолошкиот процес, каде што највеќе се потребни работниците, а тоа се пошта-разнесувачи, недостаток на шалтерски работници и на работници во технолошкиот процес. Како резултат на тие политики имаме преполни работни места во администрација и шефовски позиции – истакна Велигденов.

Иако синдикатот постојано алармирал за ваквите состојби, во Владата како основач и сопственик на Македонска пошта немале слух и разбирање да го преиспита раководството кое со ваквото менаџирање го доведе поштенското друштво во ваква состојба, која ги демотивира вработените и кои на сопствено барање заминуваат од работа.

– Баравме итно реформирање и реоганизирање на друштвото за да се стабилизира и позиционира Македонска пошта на поштенскиот пазар како главен сервис на сите граѓани и институции во Македонија – рече Велигденов.

Синдикатот бара нова систематизација, нов колективен договор, реорганизација на поштенските реони, технолошка модернизација, како и измени во Законот за поштенски услуги.

– Ја повикуваме Владата веднаш и без одлагање да се задолжат за обезбедување на финансиски средства за редовно исплатување на плата, како и преземање на итни мерки за реорганизирање и реформирање на работењето на Македонска пошта кое би довело до стабилизација и опстојување на компанијата – повика Велигденов и најави штрајк доколку не се исполнат нивните барања.

Граѓаните веќе со години се жалат за нефункционирањето на Поштата, како и за проблемите со доцнењето на писмата со месеци, за недостатокот на поштари, за финансиските загуби и за доцнењето во исплатата на платите на вработените. Поради тешкотиите, Владата во 2020 година отвори расправа за нејзина приватизација и ангажираше компанија да спроведе физибилити студијата за нејзината работа.

За оваа студија, поранешниот секретар на Владата, Мухамед Зекири, беше обвинет и осуден на две години и шест месеци затвор, за злоупотреба на службената положба и овластување, поради тоа што потпишал договор без да ја почитува постапката за јавна набавка.

Физибилити студијата е документ што ја анализира состојбата во оваа институција и е направена во периодот од мај до ноември 2021 година, од компанијата „Интерфајненс“ од Загреб и од компанијата „Интерхолдинг“ од Македонија.

Беше спроведена во периодот кога беше Јани Макрадули директор на Поштата и се однесува на периодот од 2012 до 2020 година. Во овој период, со Поштата раководеа Рафиз Алити, Гоце Боболиноски, Фадис Реџепи, Ејуп Рустеми и Јани Макрадули.

(С.Бл.) – Фото: Петр Стојановски