Тажна вест пристигна од Кејп Таун, каде што Еди Џордан почина по долга и тешка битка со болеста. Поранешниот долгогодишен сопственик на Ф1 тимот „Џордан Рејсинг“ почина од рак на простата. Само еден месец пред смртта тој навести колку е лоша неговата состојба кога последен пат се појави во медиумите.
- Извинете момци, само малку внимание, ви благодарам. Само што излегов од хемотерапијата и не сум 100 отсто присутен со паметот. Едноставно не сум јас во моментов. Малку сум расеан, простете ми за тоа, изјави Џордан при последното појавување во јавноста.
Сега семејството откри дека тој починал во својот дом во Кејп Таун, а медиумите во Британија јавуваат дека причината за смртта е всушност малигното ткиво кое се шири од простатата. Тоа му се проширило на ‘рбетот и карлицата, па Џордан не можел да ја добие најголемата битка во животот.
- Со огромна тага ја објавуваме смртта на Еди Џордан, поранешен сопственик на Формула 1 тим, ТВ аналитичар и бизнисмен. Тој почина мирно со своето семејство во Кејп Таун во раните утрински часови на 20 март 2025 година, се вели во соопштението на неговото семејство.
Џордан ќе остане запаметен како поранешен возач кој со голем успех го водеше својот Ф1 тим од 1991 до 2005 година. Многу големи возачи поминаа низ негови раце како Рубенс Баричело, Дејмон Хил, Еди Ирвин до Ралф Шумахер и Џанкарло Физикела, но најмногу ќе биде запаметен по тоа што му даде шанса на Михаел Шумахер во Формула 1. Подоцна, славниот Германец седум пати ја освои титулата во најбрзиот циркус на денешницата.