Парното греење за корисниците на топлинска енергија во Скопје поскапи за 5,03 % и сметките за потрошена топлинска енергија за февруари ќе бидат повисоки во просек за 100 денари. Од ЕСМ, кое стопанисува со топланите во градот, изјавија дека побарале поскапување на парното поради зголемените трошоци што ги имаат при набавката на поскап гас.
За потпретседателката на СДСМ и ексминистерка за животна средина, Каја Шукова, поскапувањето на парното можело да се спречи со набавка на поевтин енергенс.
– Владата ветуваше евтин природен гас, но повторно излажа. Наместо да набави гас во јануари, кога беше цената на гасот во Европа околу 40 евра за мегават-час, Владата на Мицкоски набави гас за неверојатни 65 евра за мегават-час. Ако навреме се погрижеше Владата за поевтин енергенс, ова покачување немаше да се случи – рече Шукова.
Ексминистерката за животна средина оценува дека поскапувањето на парното ќе доведе до нова еколошка катастрофа, бидејќи граѓаните ќе бидат принудени да користат алтернативни и многу поштетни извори на греење, што ќе го зголеми загадувањето.
– Наместо Владата да ја направи топлинската енергија подостапна и да ги охрабри граѓаните да останат на парно, со оваа мерка, таа ги тера да бараат поевтини, но многу поштетни решенија. Во услови кога е Скопје прво на листата со најзагадени градови во светот, овие политики на Владата директно го загрозуваат животот на скопјани. Значи, ни стандардот ни здравјето на граѓаните не ѝ е приоритет – рече Шукова.
Според неа, ова е и директен удар врз семејниот буџет во време кога експлодираат трошоците за живот, а платите остануваат исти.
– Во време кога е животот сѐ поскап, кога граѓаните секојдневно се борат да го задржат својот животен стандард, Владата зададе нов силен удар врз нив: драстично поскапување на парното греење од над 5 %! Ова е директен удар врз семејниот буџет во време кога експлодираат трошоците за живот, а платите стагнираат – изјави Шукова.
Поскапувањето на парното го осудија и од Нова социјалдемократска партија (НСДП). Оттаму велат дека Владата и енергетскиот дрим-тим на премиерот Христијан Мицкоски ништо не прават за да го заштитат стандардот на граѓаните.
– Ветуваа дека навремено ќе обезбедуваат евтини енергетски ресурси, но покачувањето на цената на парното за над 60 илјади домаќинства е потврда дека овие луѓе не ги интересира стандардот на граѓаните. Неспособноста на Владата навреме да обезбеди поевтин природен гас резултира со поскапи сметки за парно во период кога граѓаните ги бојкотираат големите маркети поради превисоките цени на производите. Ова е уште еден удар по нивниот џеб – велат од НСДП.
(С.Бл.)